Вести

Лани 150.111 возрасни посетувале образование и доживотно учење

Минатата година од вкупниот број лица на возраст од 25 до 64 години во Македонија, 150.111 посетувале образование и доживотно учење, од кои 80.550 (53,6 проценти) се мажи, а 69.561 (46,4 проценти) се жени.

Најголемо учество во образованието (44,7 проценти) имаат лицата на возраст од 25 до 34 години, додека најмалку (9,4 проценти) се застапени лицата на возраст од 55 до 64 години.

Стапката на лица кои учествувале во образование и обука, во 2016, изнесува 12,7, додека кај лицата на возраст  од 25 до 34 години стапката изнесува 20,6.

Од лицата кои посетувале формално или неформално образование, 31,4 проценти (47.082) посетувале формално образование, додека 81,7 проценти (122.567) посетувале неформално образование.

Со више и високо образование, формално образование посетувале 50,6 проценти од лицата, додека неформално образование посетувале 60,6 проценти.

Според економската активност, 56,7 проценти вработени лица посетувале формално образование, додека 87,6 проценти посетувале неформално образование. Според видот на активноста, од вкупниот број лица кои посетувале неформално образование, 56,7 проценти учествувале на работилници и семинари, 33,8 проценти имале обука на работното место, додека 28,1 процент посетувале курсеви. Вработените лица (61,7 проценти) најмногу посетувале работилници и семинари, додека неактивното население (79,6 проценти) најмногу посетувало курсеви.

Учеството во неформалното образование, поради поврзаноста со работата, најмногу е забележливо кај лицата на возраст од 25 до 34 години (37,3 проценти), а според половата структура, поголем процент на жени на возраст од 35 до 44 години (36,2 проценти) посетувале неформално образование поради поврзаност со работата, во споредба со мажите (26,6 проценти).

Во текот на 2016 година, 795.089 лица биле вклучени во процесот на информално учење. Од нив 52 проценти се мажи, додека 48 проценти се жени, а најголемо учество во овој процес на учење е забележано кај лицата на возраст  од 25 до 34 години.