Вести

Кумановци повторно на масовен протест ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА

Граѓаните на Куманово, вечерва по деветти пат маршираа за иницијативата „За заедничка Македонија“ и ги повторија пораките за зачувување на унитарноста на државата, против двојазичноста и промена на Уставот и за отфрлање на „Тиранската платформа“.

Овој пат граѓаните се собраа пред старата црква „Свети Никола“ и поминаа низ булеварите и улиците од централното градско подрачје.

Маршот заврши на градскиот плоштад пред Центарот за култура каде се обрати Зоран Петрушевски. Тој ги повика присутните да ги поздрават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Груевски и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кои, како што рече, понудиле решенија за кризата.

Петрушевски нагласи дека македонската платформа е напишана 1903 година, а тоа е, нагласи, Крушевскиот манифест и прочита дел од манифестот, истакнувајќи ги поентите кои се однесуваат на односот на Илинденците кон немакедонското население.

– Ги повикувам сограѓаните од албанската етничка заедница да ни се придружат во борбата за Македонија. Македонија е нивна мајка, рече Петрушевски и ги повика присутните да ги поздрават оние кои застануваат зад маршот, припадници на сите етнички заедници кои живеат во Македонија.

Побара од учесниците на протестот да ги поздрават и сограѓаните кои на последните избори, рече, беа излажани, а сега им е непријатно, и ги повика да се откажат од нивните лидери.