Вести

Костовски: Непотизмот во Владата на Заев и СДС добива невидени размери

Повторно на дело се покажа непотизмот на владата предводена од СДС. Генералниот секретар на владата, Драги Рашковски ја поставил бабата за претседател на второстепена владина комисија. Елена Начевска која е мајка на Вероника Начевска, сопругата на Драги Рашковски е избрана за претседател на Комисијата за жалби, што покажува дека непотизмот во владата на Заев и СДС добива невидени размери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека неодговорниот и неспособен СДСМ ја третира државата како да е негова приватна сопственост и на скандалозен начин ги става институциите и целиот државен апарат под капата на луѓето кои се блиски до Зоран Заев.

-СДС создава систем кој ќе работи единствено за нивните интереси и за луѓето во нивното опкружување. Наместо професионализација како што ветуваа сега може да видиме само партизација. Со ставањето на партиските кадри пред професионалните СДС целосно ги уништува институциите во Република Македонија и покажува дека немаат намера да работат за доброто на граѓаните. Јавноста претходно беше запознаена дека Драги Рашковски го ангажираше неговиот кум, адвокатот Дејан Костиќ за адвокат на Генералниот Секретаријат на владата. Со тоа кумот на Рашковски доби овластување да ги работи сите правни работи во владата, како што се кадровски смени, решенија, свикување седници, изготвување информации и да сее страв по институции и да се заканува, посочи Костовски.

Потенцира дека јавноста веќе се увери оти овие потези на СДСМ се прават единствено за богатење на фамилиите блиски до власта.

-Тие гледаат дека парите од секојдневните задолжувања се трошат за непотизам, исплаќање на стари долгови на Заев и партиски вработување на несоодветни партиски кадри. СДС и Рашковски треба да се свесни дека незаконското работење и прекршување на законот ќе биде ревидирано и санкционирано, истакна Костовски, додавајќи дека граѓаните нема да дозволат нивните пари да бидат трошени за полнење на приватните сметки на фамилиите блиски до власта.