Вести

Костовски најави низа проекти за општина Бутел: Нè чека убедлива победа бидејќи имаме сериозна програма која ќе ја реализираме

Кандидатот за градоначалник на општина Бутел од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски вечерва во дебатата со противкандидатот од СДСМ, Велимир Смилевски на телевизијата Канал 5, презентираше дел од проектите кои се предвидени во неговата програма.

-Во моментот во Бутел се гради булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ кој го започна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Капитален проект во Бутел кој што вкупно ќе вреди околу 10 милиони евра. Досега е завршена втората фаза, треба да почне и третата фаза, се надевам дека ќе го продолжат. Тоа е проект кој што го решава клучниот проблем во Бутел со сообраќајниот метеж, а со тоа и безбедноста на територијата на општината. Тоа ќе го олесни крвотокот во Бутел во однос на сообраќај и сметам дека е клучно решение во однос на сообраќајниот метеж. Тоа е капитален објект кој што го започна ВМРО-ДПМНЕ, истакна Костовски, додавајќи дека се надева оти многу брзо ќе почне да се прави третата фаза од тој булевар.

Костовски потенцира дека во неговата програма предвидени се над 80 проекти од сите области.

-Еден од поклучните проекти се нови три градинки на територија на Бутел, бидејќи навистина во Бутел има прираст на новороденчиња. Во однос на големи проекти кои се поврзуваат и со екологијата се три нови големи паркови- еден кај старите отпади во Бутел, каде што советничката група на СДСМ сакаше да има згради. Меѓутоа, ние тоа не го дозволивме, рече Костовски.

Потенцираше дека трите големи паркови кои се предвидени во неговата програма, ќе бидат на влезот во Бутел, во населеното место Расадник и над населбата Радишани.

-Планираме еден голем спортски комплекс во населеното место Расадник, што е многу важно. Планираме да ја решиме целосно инфраструктурата во новата зона во Расадник, каде што ќе се бориме да привлечеме странски инвестиции. Во однос на тоа да ја зголемиме вработеноста на теротирија на Бутел која што откако владее ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 година до 2016 е зголемена од околу 3.000 вработени на 7.000. Се надевам дека доколку ја добијам можноста да бидам градоначалник на Бутел ќе се продолжи таа тенденција, посочи Костовски.

Нагласи дека еден од главните проекти кои се предвидени е конечно решавање на коритото на реката Серава.

-Поставување на трим патека, разеленување и конечно чистење на реката Серава. Се чистеше повеќе пати во годините наназад, но сметам дека овој пат навистина сериозно, пред се како спортист, би сакал да имам патека каде што ќе можам да трчам и јас и сите останати спортисти. Меѓутоа, и сите останати луѓе да рекреираат, што е многу важно, вели Костовски.

Потенцира дека прво што ќе се направи решавањето на проблемот со атмосферската канализација во општината.

Костовски смета дека неговата програма е реална и вели оти е заснована на сериозна економска анализа.

-Навистина ми се допаѓа какво расположение владее деновиве на територијата на Бутел и сум сигурен во тоа дека гласајќи за бројот 13 во вториот изборен круг, бутелчани ќе гласаат за сигурна и стабилна општина за нивните деца. Се надевам дека потценувањето кое што им го направи СДСМ, да кандидира човек кој што не живее во Бутел повеќе од 10 години, навистина ќе го казнат и ќе одлучат да изберат човек кој што пулсира заедно со бутелчани. Таму го пијам утринското кафе, таму живеам, таму е мојот клуб, Таеквондо клуб „Бутел“ кој што е еден од поуспешните таеквондо клубови во спортска смисла и го носи името „Бутел“. Тоа доволно покажува дали станува збор за бутелчанец или не. Сметам дека не чека убедлива победа затоа што имаме една сериозна програма која што е поставена врз реални темели, која што е економски анализирана и заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ кога нешто ќе вети – го остварува. Сигурен сум дека граѓаните во Бутел ќе ми ја дадат довербата и ќе бидам градоначалник на општина Бутел, потенцира Костовски.