Вести

Колев: Нудиме перспектива за подобар живот за секој жител на Босилово

Граѓаните на општина Босилово заслужуваат да живеат во модерна и убава општина во која ќе бидат задоволени најголемиот дел од нивните потреби. Имаме јасна и прецизна визија, знаеме и можеме да го подобриме животот во општина Босилово. Нудиме перспектива за подобар живот, нудиме достинство за секој еден жител на Босилово, изјави денеска кандидатот за градоначалник на општина Босилово од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Колев.

Вели дека заедно со тимот силно ќе се залагаат за да обезбедат подобар живот за жителите на таа општина преку изградба на квалитетна инфраструктура, подобро образование, заштита на животната средина, преку развој на спортскиот дух и урбанизација на општината.

Тој денеска презентираше дел од програмата и рече дека ќе си стојат на зборот и ќе го исполнат ветувањето.

-Ќе започнеме со изградба на канализација во Босилово, Турново и Робово, а со тоа ќе започне и решавањето на еден од најбитните проблеми на жителите на општина Босилово. Реконструкција и доградба на Домот на Културата во село Иловица и завршување на реконструкцијата на Домот на Културата во село Секирник. Планирањето и уредувањето на просторот и урбанизацијата се едни од најголемите предизвици во руралните средини затоа ќе направиме урбанистичко планска документација за Босилово, Моноспитово, Дрвош, Бориево, Турново. Ќе го изградиме локалниот пат Бориево – Колешино, ќе започнеме со изградба на локалниот пат Иловица – Дрвош, а ќе направиме проектна документација за локалниот пат Штука – Сушица со што ќе придонесеме за подобра поврзаност на подогражденските населени места, најави Колев.

Посочи дека заради обезбедување подобри и поквалитетни просторни услови за одвивање на наставниот процес ќе бидат реконструирани училишните згради „Кирил и Методиј“ во селото Радово, „Кирил и Методиј“ селото Турново и „Гоце Делчев“ селото Еднокукево.

-Посебно внимание ќе обрнеме на изградба и асфалтирање на улиците. Предвидуваме изградба на над 30 улици во сите населени места во зависност од нивните големини и потреби. Особено внимание ќе обрнеме на животот на младата популација. Затоа ќе изградиме повеќенаменски игралишта во Моноспитово, Секирник, во Дрвош постоечкото ќе го оградиме и ќе го осветлиме, во Робово ќе направиме сосема ново одбојкарско игралиште. Ќе ги зголемиме капацитетите на јавното комунално претпријатие со набавка на нова механизација со цел да воведеме планско собирање на отпадот. Континуирано одржување и изградба на нови одводни канали. Со цел да го подобриме водоснабдувањето ќе ги доизградиме водоснабдителните системи во Иловица и Штука, а во населеното место Дрвош ќе направиме уште една бушотина и ќе зафатиме уште 3 извори, нагласи Колев.

Тој побара од граѓаните да го искористат своето право на глас, кое гарантирано со закон.

– Ве повикувам да гласате за број 13 за кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и за кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Со тоа гласате за работа, гласате за Македонија и гласате за посветла иднина на општина Босилово, рече Колев.