Вести

Јовче Пандев: Честа да се испее ваква песна е огромна, се надевам дека ќе прерасне во евергрин (ВИДЕО)

Граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА промовираше песна насловена како „Стих за љубов“, која наиде на позитивни реакции.

Да се испее една ваква песна која има обединувачка цел и претставува химна на граѓанската иницијатива, според еден од изведувачите, талентираниот Јовче Шиле Пандев, чувството е прекрасно, а честа- огромна.

-Убаво е чувството да се испее песна за Македонија- еден чист, искрен, патриотски текст, прекрасна музика, аранжман… Има многу емоции и во структурата на самиот текст и во интерпретацијата од моја страна и од страна на Марта, апсолутно емоции има на сите страни, истакна Пандев.

Песната, според Пандев, наиде на позитивни критики.- Добив позитивни критики од сите што ме сретнуваа на улица овие денови, вели тој и додава:

-Се надевам дека ќе прерасне во евергрин и ќе се пее години и години. Нема никаква причина работите да се политизираат, ова е чиста патриотска песна која се надевам дека ќе ја запее секој Македонец.

Инаку, покрај Јовче Шиле Пандев песната Стих за љубовта ја пее и Марта Костурска.
Музиката е на Пол Сајмон, текстот го напиша Александар Русјаков, продуцент е Драган Гиновски- Гино, а аранжман и пратечки вокали- Андријана Јаневска.