Вести

Јовановски: Просечна плата паѓа, пензиите ги намалија, нема никакво придвижување

На сите им е јасно дека изборите  не беа фер и не беа демократски.  Бев присутен на гласачки места и видов се што требаше за се види, имаше и видео снимки за се тоа што се случувало.  Јас видов човек кој гласал и дојде по втор пат да гласа, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски во вечерашното издание на „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.

Јовановски нагласи дека дури и ОБСЕ и ОДИХР ги потврдиле нерегуларните избори со тоа што кажаа дека 922 ливчиња не се совпаѓаат со бројот на гласачи кои гласале. Тој додаде дека Државната Изборна Комисија на овие избори наместо неутрална и независна, целосно била наклонета на власта, за разлика од минатите избори во 2016-та година, кога само за еден глас се бараа графолози.

Во врска со прашањето  во кој правец оди Македонија после изборите Јовановски, коментирајќи ја анкетата на Канал 5 на нивната Фејсбук страна каде мнозинството граѓани гласале дека „Македонија оди во погрешен правец“, истакна  дека тие граѓани пред да гласаат размислиле и истата е резултат на целокупниот шестмесечен период  додека е СДСМ на власт.

-Анкетата е израз на очекувањата на луѓето на се што им беше ветувано, а го нема. 600 милиони задолжувања никаде ги нема.  БДП оди долу, просечна плата паѓа, пензиите ги намалија, нема никакво придвижување, потенцираше Јовановски.