Вести

Иванов: Нема да толерирам ангажман на АРМ без моја одлука

Во недостиг на ресурси и време, се почесто се случува Армијата без одлука на Врховниот командат и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба да се ангажира за задачи кои се во надлежност на други институции. Повторувам, Армијата се ангажира без моја одлука и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба, рече претседателот Иванов во своето обраќање по повод Денот на Армијата на Република Македонија и 25-годишнината од формирањето на АРМ.

-Тоа е сериозна повреда на законот што нема да ја толерирам. АРМ троши свои ресурси за туѓи задачи кои се во надлежност на други институции. Мора да се затвори кругот на одговорност за тоа кој е надлежен за што, кога и како, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи на четири клучни задачи на Армија во идниот период.

Во однос на улогата на АРМ во поддршката на кризниот менаџмент во справување со природни непогоди и загадувања, претседателот Иванов ги потсети органите на државната власт на нивната обврска да ја почитуваат законската оправданост за учество и употреба на АРМ во отстранување на последици во прогласена кризна состојба.

Втората улога на Армијата, според претседателот Иванов, ќе биде подршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам во градовите со етничка и верска различност.

-Урбанизацијата е предизвик. Идната сива зона се градовите и регионизацијата. Мора да ги земеме предвид научените лекции од превентивната мисија на УНПРЕДЕП од 1995 година во северозападна Македонија. Тоа се лекции за растечка закана од сепаратистички идеи и загрозување на територијалната целина на нашата држава, рече претседателот Иванов.

Третата улога на Армијата, рече македоскиот претседател, ќе биде заштита на границите од илегална миграција.

-Веќе не е доволно податоците за миграциите да ги добиваме кога илегалните мигранти веќе ќе бидат на нашата граница. За навреме да реагираме, мора да бидеме присутни на изворот на илегалната миграција. Затоа, неопходно е АРМ да учествува во мировни операции на Обединетите нации во регионите од каде доаѓаат заканите. Илегалната миграција и меѓународниот тероризам се закани со кои ќе се соочуваме во иднина. Мора да ја обновиме воено-дипломатската и разузнавачка мрежа на територите што се извор на закани, транзит, крајна дестинација, но и во центрите на моќ каде се носат одлуки, рече претседателот Иванов.

Четвртата улога на Армијата, според македонскиот претседател, ќе биде сајбер одбраната.

-Со поддршка од државните органи, АРМ мора да изгради систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура. Приоритет е развој на сајбер одбрана и електронско војување во идна нелинеарна војна. Научените лекции од нелинеарно војување на секој против секого подразбира освојување на територии без жртви и без употреба на воени орудија. Во нашата сајбер ера, Армијата ќе ја брани и македонската сајбер територија, рече претседателот Иванов, на одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија и на 25-годишнината од формирањето на АРМ.