петок, 19. јануари 2018. Вести денес: 1
home Вести

ИЈЗ: Измината недела нови 128 заболени од грип

Од Институтот наведуваат дека бројот на регистрирани случаи изминатата недела е повеќекратно помал споредно со истата недела од мината сезона кога беа регистрирани 9.485 случаи.
ИЈЗ: Измината недела нови 128 заболени од грип

Изминатата недела (од 25 декември до 31 декември) во Република Македонија се регистрирани 128 нови случаи на заболени од грип, што не е значително зголемување во споредба со неделата пред неа (18 декември до 24 декември) кога беа регистрирани 104 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Од Институтот наведуваат дека бројот на регистрирани случаи изминатата недела е повеќекратно помал споредно со истата недела од мината сезона кога беа регистрирани 9.485 случаи.

Најголем број заболени (88) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 11,2 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Најголем број заболени (25 случаи) и највисока инциденца од 90,1/100.000 е регистрирана на територија на Подрачната единица Дебар.

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 1.082.

Во вирусолошката лабораторија на Институтот тестирани се седум материјали за грип. Од тестираните материјали, два се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца Б. Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се 73 хумани материјали од здравствените установи од кои само три (4,1 отсто) се позитивни за присуство на вирусот – еден A (H1N1) pdm и два инфлуенца Б. (МИА)