вторник, 17. јули 2018. Вести денес: 0
home Вести

Хаос во МВР, како советникот на Спасовски прибавил строго доверлива службена тајна?

Хаос во МВР, како советникот на Спасовски прибавил строго доверлива службена тајна?

Сеуште е нејасно како советникот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дошол до информација кон кои лица се спроведуваат посебни истражни мерки.

Експертите велат дека случајот во кој Д.С. советник на Спасовски, оддаде службена тајна класифицирана со „Строго доверливо“ и начинот на кој тој дошол до оваа информација не е ни малку наивен бидејќи посочува кон сериозни злоупотреби во системот за следење на комуникациите.

Спасовски во повеќе наврати тврди дека нема сознание како неговиот советник дошол до доверливи информации и кои лица се под посебни истражни мерки. Министерот за внатрешни изјави дека ниту тој ги немал овие информации.

-За тоа се води истрагата, ние веќе покренавме и внатрешна контрола во однос на позициите кои ги имале овие информации. Кога ќе завршат сите испитувања ќе соопштиме, изјави денес министерот за внатрешни работи.

Советникот се сомничи дека издал службена тајна со тоа што му поткажал на лице против кое се воделе посебни истражни мерки дека е под истрага. За ова дело советникот на Спасовски доби само мерка на претпазливост односно му беше одземен пасошот и доби обврска за редовно појавување на суд, но не е суспендиран и понатаму непречено ја врши својата функција.

Правните експерти пак велат дека советникот на Спасовски не смеел да го знае идентитетот на лицето ниту пак да располага со информации дали и за колку лица се води ваква истрага. Ова укажува на голем проблем со можни политички влијанија врз постапките. Со истрагата треба да се докаже дали советникот дејствувал самостојно и дошол до информацијата злоупотребувал својата позиција во кабинетот на министерот.

Ситуацијата би била уште посериозна доколку самиот министер ги добива овие податоци кои не се во негова надлежност. Следењето на комуникациите се одвива по налог на обвинителството и судот, а го врши УБК и во никој случај до вакви информации не би смеел да дојде министерот за внатрешни.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати обвинуваше дека се злоупотребува системот за следење на комуникациите од страна на власта и дека на голем број на членови на партијата им се следат комуникациите.