Вести

Груевски за „Алсат“: Измислена теза е дека ВМРО-ДПМНЕ ги навредувале Албанците

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во денешното гостување во емисијата „200“ на телевизијата АлсатМ истакна дека партијата, и нејзиното раководство никогаш со ништо ги нема навредено Албанците, додавајќи дека биле многу внимателни за тоа.

-Напротив, секогаш кога некој друг ќе го направел тоа, ние сме интервенирале со разни соопштенија, оградувања и слично. Протестите „За заедничка Македонија“ беа организирани од Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Ние во основа ги поддржувавме тие протести затоа што ги разбиравме барањата што доаѓаа од челниците на тие протести, посочи Груевски.

Појасни дека секогаш кога на протестите имало извикувања кои имале навредлива содржина кон Албанците, ВМРО-ДПМНЕ секогаш изразувал негодување и јавно се оградувале, додавајќи дека партијата и сега го прави тоа.

-Ние доколку сме сакале тоа да го направиме и да ги навредиме Албанците, ќе сме го направеле тоа јавно. Нема потреба да се прави скриено или на било кој начин. Затоа што ние немаме ништо против Албанците, дали вие тоа го разбирате? Вие со сила сакате да ни импутирате нешто со оваа ваша теза, дека ние сме против Албанците, затоа што на некои собир со која што иницијатива ние сме имале исто или слично, група на граѓани повикале нешто против Албанците и веднаш го лепите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е лажна теза, тоа е лажна вест и тоа не е во ред да го правите, истакна Груевски.

Тој на новинарот Назим Рашиди му појасни дека Косово е признаено токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски потенцираше дека не знае кои се аргументите за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ била против Албанците.

Откако новинарот рече дека Груевски имал говори на протестите на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тоа не е точно.

-Јас немав говори организирани од Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Извадете ги тие снимки ако постојат да видите каде се тие говори каде што јас сум настапил, а во позадина извикувале против Албанците, потенцираше Груевски.

Истакна дека ги осудува сите навреди кон која било етничка заедница во Македонија и кон кои било луѓе, зашто, како што рече, навредата не треба да се меша во политиката.

-Ако има навреди кон Албанците, да, ги осудувам навредите кон Албанците. Ако имало, има и ќе има, исто така ќе ги осудам. Ако има кон Македонците исто така ќе ги осудам, кон Турците, Ромите, Власите, Бошњаците, кон сите останати. Јас не поддржувам навреди. На собири на кои што јас сум бил, доколку имало повици против Албанците бидете сигурен дека сум реагирал доколку сум ги чул, а за ова за што зборувате, не е точно дека сум бил присутен, одговори Груевски откако Рашиди неколку пати рече дека Груевски учествувал на протестите организирани од „За заедничка Македонија.

Според него, ова е дел од пропагандата која се правеше во изминатите 9 години.

-Зошто ние би биле против Албанците? Што нас Албанците ни згрешиле, па ние да бидеме против Албанците? Која е логиката?, праша Груевски, додавајќи дека Албанците се граѓани на Македонија.

-Јас бев премиер на сите граѓани и на Албанците. Не е случајно што во тие години се отворија само четирите големи општини каде што живеат доминатно 25 илјади нови работни места. И не е случајно што државната јавна администрација која што вработуваше околу 10 проценти Албанци, сега вработува над 20 проценти во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е случајно, и тоа не го прават луѓе што имаат нешто против Албанците или сакаат да ги навредуваат Албанците. Ние речиси го дуплиравме бројот на вработени Албанци во јавната и државната администрација. Не е случајно што изградивме толку многу училишта каде што живеат Албанците каде што учат и кои што ги реконструиравме. Не е случајно што само во Полошкиот регион Албанците во минатиот период добија над 40 милиони евра субвенции, тоа не може бидеј случај или да дојде од некој што ги мрази Албанците или што има нешто против нив, рече Груевски.