Вести

Груевски: Ова што го работи СЈО е незаконски

Ова што го работи СЈО е незаконски, бидејќи нивниот мандат е одамна истечен и овие предистражни постапки што ги  водат практично се малтретирање на граѓаните во услови кога тие не може да поднесуваат никакви обвиненија или практично работат незаконски, изјави поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по денешниот распит во Специјалното јавно обвинителство.

– Денеска бев поканет од СЈО во својство на сведок за некоја нивна, како што кажаа прдистражна постапка. Им укажав дека ова што го работат е незаконски, дека нивниот мандат е одамна истечен и дека овие предистражни постапки што ги тераат практично се малтретирање на граѓаните во услови кога тие не може да поднесуваат никакви обвиненија или практично работат незаконски, рече Груевски.

Но, како што додаде, за да не излезе дека одбегнува дошол да го каже своето мислење и да одговори на некои прашања.

– Мислам дека ова го прават со цел да сум тука пред вас да ја дадам оваа изјава. Наместо да се зборува за она што случува во државата, за она што се зборува за промена на името од страна на Заев, наместо да се зборува за профункционирањето на ветените 100 илјади денари плата за лекарите или 500 евра просечна плата, за скандалозниот договор со Бугарија или пак, да се зборува за двојазичноста која што СДСМ ја промовира во Парламентот, да се зборува за тоа дека јас сум бил повикан во СЈО и дека сум дал изјава како сведок, рече Груевски.

Според него, „сето ова е политички со цел да се оттргне вниманието од основните проблеми со кои се соочува државата и граѓаните, да се зборува за минатото и на да се замае јавноста“.

– Членот 12 алинеја 2 од Законот за кривична постапка е многу јасен, дека незаконски прибавени аудио или видео сметки, не може да бидат доказ во судска постапка, ниту по нив да се изведуваат докази. Со оглед дека се работи за предистражна постапка мислам дека законски не смеам да соопштувам, изјави Груевски по распитот во СЈО.