Вести

Груевски: Нема да го скршите нашиот дух, духот на Македонецот е нескршлив!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од денешната Свечена академија истакна дека основачите на ВМРО и со својата смрт одат во победата исто како што победата значи и крикот при ослободеното село, и секогаш гласно или преќутно оставаа аманет на своите поколенија дека борбата мора да продолжи и тоа до конечната победа.

Така, рече Груевски, победи идејата, организацијата и делото, така победи Македонија.

-Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. И сето тоа им го приредуваа луѓе кои се срамеа затоа што не се како нив и мислеа дека ако нив ги оцрнат така прво ќе се прелажат себе а потоа ќе ги прелажат и другите, ќе ги натераат другите да веруваат дека за Македонија не треба да се бориш. Каква поразителна тактика. Не им успеа. Ние наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст. Да кажеме како било и колку им било тешко во борбата но и колку ние, денешните поколенија, сме благодарни за се што тие направија за нас и за нашата Татковина. И затоа денес одовде, од ВМРО-вски Штип, од градот кој даде големи жртви за слободата на Македонија и за време на периодот на активното 41 годишно делување на ВМРО, и потоа, вклучувајки го и периодот на Народноослободителната и антифашитичка борба, јас и сите ние длабоко им се поклонуваме, и со голем пиетет го потврдуваме нашиот завет: За Македонија секогаш ќе се бориме. Немаме друга земја и не сакаме да имаме! Познавајки ги жртвите и искушенијата од нашата историја и македонската борба за слобода и правда, ние денес, многу полесно ги прифаќаме сите клевети и обвиненија, сите обвинувања кои ги добиваме заради нашата посветеност и љубов кон Македонија. И велиме, да ние сме виновни за секој споменик на македонски херој од сите епохи на борбата, виновни сме за секој документарен филм со кој ја откривме вистината за македонските херои, виновни сме дека ја кренавме главата на Македонецот високо, и виновни сме дека градевме држава која чекореше напред, силна и спремна да одговори на секој предизвик, и да преживее и успее во миговите на големи предизвици. И таа наша вина, извинете, но е најголемиот комплимент кој ние можеме да го добиеме! И ние, ќе речам, парафразирајки го Делчев, со чест и со име ја носиме таа вина, порача Груевски од Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“.

Патот по кој одиме денес, порача Груевски, е трнлив, тежок и мачен, но исправен пат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека луѓето кои сега се малтретирани по притвори и затвори поради овие случувања, ја имаат поддршката и помошта. Рече дека ќе ја имаат неговата помош и подршка и ќе дојде време кога ќе се осветли и тој дел.

-После секој Илинден, доаѓа нов Илинден. А вие сите ваши криминалци, убијци, дилери на дрога, силувачи, лопови, разбојници да ги ослободите нема да го скршите нашиот дух. Духот на Македонецот е нескршлив. Нескршлив. Тој само може да се зацрвстува. А Македонецот може да станува само посилен. Ова не е битка за власт, ова не е битка на Никола Груевски, јас сум небитен, ова е битка на ВМРО, битка за Македонија. Во животот не можете да одлучите само кога ќе се родите. Се друго е одлука. Ние можевме да одлучиме да не се бориме и за сметка на тоа откажување денеска ќе добивавме пофалби од секаде. Можевме да ја свиткаме кичмата, ама одбивме. Ние не сме тие кои клекнуваат на колена. Ако се бориш може да победиш или да загубиш, ако не се бориш ти уште од старт си загубил. Можел и д-р Христо Татарчев да не го ризикува својот среден и комотен живот и да не ја основа и застане на чело на организацијата, можел и Питу да не оди на Мечкин Камен, Кузман не морал да инспирира споменувајќи ги ВМРО и Илинденците, Делчев, Груев, Александров,  можеле да си бидат само учители а не идеолози и борци на една револуција, на ножот можеле да се предадат, можеле стотиците илјади мажи и жени да си ги вршат секојдневните работи наместо да се борат по полињата и планините. Ама така ќе ја немаше Македонија. Затоа ние нивните наследници, свесно одиме по овој полн со препреки пат, не заради тоа што е едноставно, туку затоа што е пеколно тешко и комплицирано, но и наша обврска истовремено. Ама одиме по овој пат. Вмровски и со подигнато чело, додека дамарот бие. Затоа што идејата мора да живее, а Македонија и Македонецот мора да постојат, истакна Груевски.

Тој на Свечената академија порача дека многу брзо ќе дојдат подобри времиња.