Вести

Груевски: Нашиот збор се исполнува, започнува да се реализира проектот со досега најголемо значење за македонското здравство

Денес се потпишува договорот за градба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со што се отпочнува со реализација на еден капитален и суштински проект кој го ветивме на граѓаните. Со градба на новиот Клинички центар ќе отпочнат двете најголеми градежни компании во Македонија – Гранит и Бетон, и реномираната италијанска компанија Инсо. Вредноста на договорот, односно инвестиција, е околу 72 милиони евра, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 медицински и административен персонал.

-Низ овие клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 луѓе, односно околу 2.200 луѓе дневно. Вкупната новопроектирана нето површина на оваа зграда изнесува 46.987 м2 корисен простор, 6.416,89 м2 проодни тераси и кровни градини и 531 м2 хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво. Се работи за најсовремен објект кој ќе биде врвен медицински центар. Ова е проект со досега најголемо значење за македонското здравство, напиша Груевски.

На проектирањето на новите објекти и инсфраструктура на Клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови на проектанти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа, како и тимот од Министерството за здравство и Проектната единица.

-Со овој проект се овозможува највисоко ниво на квалитет на употребени материјали, висока функционалност и безбедност, при што врвен приоритет е третманот на пациентот и неговото олеснето движење и удобност во рамки на објектот. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал, што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип, напиша Груевски.

Она што го ветивме започнува да се реализира. Нашиот збор се исполнува, заклучува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.