Вести

Груевски изврши увид на градежните работи на патниот правец Скопје – Куманово (ФОТО)

Деновиве почна реконструкција на патниот правец Скопје – Куманово, додека од Куманово кон Скопје се 98 отсто завршено. За неколку недели ќе биде 100 отсто завршено Куманово – Скопје и ќе биде пуштен во целосна употреба, информираше денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при увидот на градежните работи на оваа делница, дополнувајќи дека вредноста е околу 5 милиони евра по еден правец, односно вкупно околу 10 милиони евра.

Според него, останати се делови околу сигнализацијата на патот, а целосната изградба треба да заврши кон крајот на годината.

-Се на се, двете страни, Куманово – Скопје и Скопје – Куманово ќе чинат некаде околу 10 милиони евра, нешто што е многу важно зашто практично она што го правиме е да целата делница, целиот коридор 10, односно автопатот Александар Македонски или се гради каде што го нема, или се целосно и темелно се реконструира, истакна Груевски.

Потсети дека при крај е изградбата на 29 километри на патниот правец Демир Капија – Смоквица, односно последниот изграден автопат.

-Пред неколку години го изградивме автопатот меѓу Куманово и Табановце, претходно не беше автопат, сега е автопат. И тоа беа беа последните две делници кои што не беа автопат и станаа автопат, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека паралелно се реконструираат делници со целосно вадење на стариот асфалт и ставање на нов.

-Исто така, паралелно се реконструираат делниците со целосно вадење на стариот асфалт и ставање на нов и плус нова сигнализација меѓу Неготино и Гевгелија и Гевгелија – Смокрива. Наскоро почнува меѓу Градско и Велес. Практично целиот автопат Александар Македонски или Коридор 10 или се догради или целосно се реконструира сега и во минатите две години, рече Груевски.