среда, 17. јануари 2018. Вести денес: 72
home Вести

Грчки организации со кампања против терминот Македонија

Грчки организации со кампања против терминот Македонија

Последните случувања меѓу Македонија и Грција и оптимистичките најави од двете страни дека 2018 би можела да биде година кога ќе се затвори долгогодишниот спор за името, ги мобилизираа грчките патриотски здруженија и организации.

Демонстрации во северна Грција, резолуции, собирање потписи, барање за референдум и неприфаќање на какво било име со терминот Македонија, како што јавува дописникот на МИА од Атина, се дел од најавените активности во рамки на кампањата под името „Македонија значи Грција“.

„Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“, заедно со грчките здруженија и организации од дијаспората се главните организатори на активностите, а како медиумски покровители се појавуваат околу 60 медиуми од северниот дел на земјата.

МАКЕДОНИЈА КАМПАЊА 2

Веќе имаат изработено сајт, видео спот, резолуции испратени до претседателот, премиерот и Парламентот на Грција, но и најава за првиот собир. Според соопштението, за денес е закажан првиот протест во грчкиот град Скидра (Вртикоп), додека, пак, за еден месец најавуваат голем собир во Солун.

На 28 ноември, минатата година, претставниците на „Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“ ја посетија премиерската палата во Атина и остварија средба со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос. Му ја предадоа нивната резолуција во која бараат терминот Македонија да не биде вклучен во името, согласно одлуките од лидерската средба во 1992, а доколку оваа одлука не е повеќе во сила, тогаш бараат распишување референдум. Со средбата со Павлопулос беше означен и почетокот на нивната кампања „Македонија значи Грција“.

МАКЕДОНИЈА КАМПАЊА 3

Од минатиот месец, преку специјално изработен сајт се собираат потписи за резолуцијата до грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Се забележува голема раздвиженост за прашањето за името за државата на Скопје. Како што изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, ќе се обиде да постигне конечно решение по прашањето за името во следните месеци. Во овој временски период,  сите Грци треба да го изразиме нашето мислење за ова сериозно национално прашање и, како дополнително дипломатско оружје на грчката Влада, треба да го дадеме нашиот кристализиран став да не се користи терминот Македонија во конечното име на Скопје“, пишува во повикот за собирање потписи за резолуцијата, што ќе му биде доставена на грчкиот премиер.

Собирањето потписи, според сајтот, завршува на 31 јануари.

За потребите на кампањата изработен е и видео спот во траење од 40 секунди.

– Македонија, 3000 години, нераскинлив дел на хеленизмот. За ова име, не се преговара. Македонија, значи Грција. Ја поддржувам вистината, се потпишувам за историјата, порачуваат во видео спотот објавен минатиот месец.

За кампањата и активностите на грчките организации, освен 60-те медиумски покровители, кои во најголем број се локални портали и радија од северниот дел на Грција, јавија и грчките телевизии Стар и Скај. Тие коментираат дека најавите за протести ги разбудија сеќавањата од почетокот на 90-те и тогашните големи демонстрации.

Аналитичарот Тасос Хаѕивасилиу за телевизијата Скај вели дека овие активности не можат да ја имаат силата како пред 20 години.

– Сѐ додека постои матна слика за тоа која е денес позицијата на Грција, толку се остава простор за вакви радикални реторики. Нешто што е непродуктивно, коментира Хаѕивасилиу, пренесува МИА