Вести

Граѓаните на Куманово: Македонците и останатите заедници се за соживот, како во минатото, така и во иднина

Кумановци и вечерва се приклучија на маршот што го организира граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кој овој пат започна од пред старата црква во градот. Граѓаните порачаа дека е потребно отфрлање на тиранската платформа, дека се против воведување двојазичност, промена на Уставот и зачувување на унитарноста на државата.

kumanovo zzm

Движејќи се по централните градски улици, како и претходните вечери, маршот заврши пред платото на Центарот за култура каде што се обратија Андријана Стојановска и Звонимир Стојановски.

Андријана Стојановска рече дека јазикот мора да се зачува, бидејќи тој е зачуван низ историјата, спомнувајќи ги македонските дејци кои придонеле да се развие и дека наша обврска е да се зачува и да продолжи да се негува.

– Ваквата историја исполнета со значајни автори и дела некој сака да ни ја сруши, нема да дозволиме. Целиот овој труд ќе го почитуваме и ќе пренесуваме на нашите поколенија, рече Стојановска.

Во обраќањето пред присутните Звонимир Стојановски истакна дека граѓаните ја отфрлаат платформата подготвена во Тирана. Барањата од таа платформа, рече удираат во државноста, суверенитетот и унитарниот карактер на Македонија и бараат разнебитување на државата. Повика граѓаните од сите етнички заедници да застанат на браникот на Македонија.

– Македонците и останатите заедници се за соживот, како во минатото, така и во иднина, рече Стојановски.

Тој нагласи дека некои албански политичари го негираат македонскиот иднетитет. Албанците од Балканот, рече Стојановски, имаат територијални претенцзии не само кон Македонија, туку и кон другите држави, Црна Гора, Србија, Грција, но тоа, според него треба да го заборават за доброто на народите на Балканот. Порача дека треба да преовладее здравиот разум.