Вести

Граѓаните ќе се задушат од чистиот воздух на Заев и СДСМ: Во неколку градови во Македонија вечерва е опасно да се излезе од дома

Наместо ветениот чист воздух граѓаните добија енормна загаденост. Загадувањето во Битола е над 300 ПМ10 честички, во Скопје над 350, додека најзагаден град вечерва во Македонија е Куманово, каде загаденоста е 420 ПМ10 честички.

На кандидатите за градоначалници на СДСМ и лидерот на партијата и премиер на Македонија, Зоран Заев главно ветување пред изборите им беше чист воздух за граѓаните, иако и тогаш како и сега немаа предложено конкретни мерки како тој чист воздух би дошло.

Куманово е најзагаден град во Македонија вечерва, тоа е еден од градовите кои се доказ дека централната власт и локалната самоуправа предводена од СДСМ нема начини и мерки како да се справи со загадениот воздух. Имено, пред да стане Максим Димитриевски градоначалник, кој како и сите свои колеги пред изборите ветуваше чист воздух за граѓаните, долги години со овој град раководеше Зоран Дамјановски-Циц, исто така кадар на СДСМ.

Втор најзагаден град вечерва е Скопје, каде што нивото на ПМ10 честички на мерната единица во Лисиче покажува 365.

-Град Скопје има итна потреба од нова градска власт која што системски ќе го реши проблемот со загадувањето, ќе изготви и изработи модерни ефикасни и еколошки решенија во јавниот превоз, ќе го зголеми процентот на зелени површини во градот и ќе овозможи алтернативни извори на енергија, ова градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов го ветуваше пред изборите, пред да стане градоначалник. Сега за градоначалникот на Скопје, како што кажа тој граѓаните се криви за загадениот воздух.

Но сега ситуацијта е сосем различна, без никакви конкретни мерки како би се справил градот со загадувањето, градоначалник реши директно да удира по џебот на граѓаните најавувајќи дека ќе биде поскапен паркингот во градот Скопје. Според експертската јавност оваа мерка нема многу да помогне за овој проблем во градот Скопје, туку нејзината цел е само полнење на градската каса.

-Една од мерките што ја замисливме е скалесто покачување на паркирањето во центарот за оваа зима и намалување на јавниот билет, додека не дојдеме до состојба на бесплатен јавен превоз, изјави Шилегов.

Иако како едно од главните ветувања на кандидатите за градоначалници на СДСМ во пред изборите беше чистиот воздух, без никакви мерки како до тоа би дошло. Ова беше потврдено во периодот кога загадувањето е најголемо, а градските власти кажаа дека се без прецизни планови за справување со проблемот. Тие во писмено соопштение наведоа дека сите активности се во фаза на предвидување и планирање.

-Планот предвидува краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Планираме уште зимава да воведеме забрани за градежни активности во најзагадените делови на градот. Предвидуваме и нови политики во јавниот превоз и промоцијата на велосипедизмот, пишаа од градот Скопје.

Граѓаните прашуваат дали ова е чистиот воздух, кој кандидатите на СДСМ го ветуваа во предизборната кампања, во недостаток на идеи и проекти за граѓаните.

Еве што зборуваше сегашниот градоначалник на Скопје, пред ја преземе функцијата која ја има сега.

Чистиот воздух беше и главно ветување на премиерот Зоран Заев, а тој откако поминаа изборите Владата предводена токму од него реши да го укине Денот на дрвото, една од мерките кои придонесуваа кон решавањето на проблемот со загадениот воздух.

Додека граѓаните чекаат мерки од оние надлежните, локалните самоуправи за решавање на проблемот со загадениот воздух, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов со порака до граѓаните дека треба да се откажуваат од своите потреби. За проблемот со загадувањето Шилегов порача дека сите мора да се откажат од дел од удобноста за да инвестираат во подобра иднина.

-Кога велат сите, мислам и на централната, градската и општинската власт и на бизнисмените и на организациите на граѓаните мора да се откажеме од малку да добиеме повеќе, вели Петре Шилегов.

Граѓаните гласно прашуваат како е можно додека СДСМ беше во опозиција за загадувањето криви да бидат „режимот“, Груевски, Коце Трајановски, Пешевски, сите министри од Владата, а сега за Шилегов кога СДСМ ја целосната власт, граѓаните да се оние што се криви за овој проблем.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа власта да се зафати со работа, да го исполни ветувањето кое го даде пред граѓаните за чист воздух.

Од таму обвинуваат дека последиците од загадениот воздух сè повеќе се чувствуваат. Штетните ПМ честички ги напаѓаат дишните патишта и влијаат на порастот на пациенти кои имаат респираторни заболувања. Секојдневно болниците во Република Македонија се полнат, а власта предводена од СДС мува не ја лази.

-Сè што ветија градоначалниците на СДС во текот на изборната кампања е лага. Наместо да се справат со загадувањето, градоначалниците на СДС тргнаа со контрамерки. Шилегов и Богоев ги стартуваа мандатите со сечење дрва низ градот. Ниту СДС ниту неговите градоначалници имаат конкретен план за прочистување на загадениот воздух поради кој секој ден се губат човечки животи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.