Вести

ФОТО: Груевски и Мисајловски извршија увид во реконструираната зграда на Министерството за транспорт и врски

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска извршија увид на реконструираната зграда на Министерството за транспорт и врски.

Груевски посочи дека за реконструкција и доизградбата на објектот на Министерството за транспорт се одлучиле поради тоа што објектот бил претесен и прилично руиниран.

-Се одлучивме за темелна реконструкција, но и за надградба со што објектот се дуплира. При почетокот на реконструкцијата се констатираше дека има слабости со темелите и дека треба да се зајакнат, така што многу се работеше и на статиката и затоа малку и повеќе време се работеше од што беше планирано. Објектот е веќе 96 % готов, што значи за неколку недели од сега ќе биде целосно завршен и во него ќе може да се смести Министерството за транспорт.  Бидејќи во моментот се наоѓа во просториите на поранешното МНР, а таму беше планот да дојде Министерството за здравство . Тоа беше вториот проект кој што денеска можев да го видам, инвестиција од околу 5 и пол милиони евра, рече Груевски.

Министерот Мисајловски информираше дека над 90 отсто од градежните работи  се завршени и се очекува до крајот на следниот месец реконструкцијата да се заврши  и да се започне со селење. Објектот зафаќа 4.580 квадрати, што ќе значи двојно повеќе простор од состојбата пред реконструкцијата.

Изминатиот период, административците работеа во канцелариите во некогашното Министерство за надворешни работи. Во план е покрај Министерството за транспорт и врски, во старо-новата зграда да се смести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.

На овој начин, како што објаснуваа од Министерството, ќе се овозможи сите сектори и органи на ресорот транспорт и врски да бидат на едно место, наместо како што е сега на повеќе локации во Скопје.