Вести

Дурловски: Бараме да се почитува Уставот на Македонија и да не се работи за промена на името и суштината на нашата држава

Преку граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ секојдневно народот пренесуваше пораки до власта да ја зачуваат унитарноста на Македонија, која е заедничка цел на сите народи кои живеат во неа. Од низа на масовни собири кои се случија низ цела Македонија, пред Собранието на Република Македонија се обрати еден од најистакнатите македонски уметници – Игор Дурловски кој гласно истакна дека Македонија е над сите интереси.

-Ние современиците на овој миг имаме должност да ги споиме тие вредности од минатото за доблесно, сите заедно да се насочиме кон иднината. Ниту еден патриот не е против националните права, култура и традиционалните вредности на својот сограѓанин. Македонија е модерна граѓанска Република. Македонците, албанците, србите, ромите, бошњаците, турците, власите и другите живеат во единствена матична држава на македонскиот народ кој  слично како и други народи од регионот и сеуште во 21-от век е соочен со негирање и дискриминација. Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхрабрува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси во туѓи држави без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме. Уставот на Република Македонија е јасен и прецизен во однос на многу прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не отстапуваме. Бараме од сите наши политички партии да го почитуват Уставот на Република Македонија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на нашата држава. Македонија е над сите интереси потенцираше Дурловски.