Вести

Димовски побара широка дебата пред да се гласа двојазичноста, пратениците на СДСМ и албанските коалиционери инсистираат да гласаат денес

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денес побара од Собранието да биде тргната од дневен ред точката Предлог на закон за употреба на јазиците.

-Ова го барам заради две причини. Првата причина е затоа што беа направени катастрофални, свесни грешки во процедурата низ Собранието на РМ. Од ваша страна беше утврдено дека матична комисија за овој закон е комисијата за европски прашања иако според одлуката за формирање на комисиите, едногласно донесена од цело Собрание, матична комисија за разгледување на овој закон е комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, каде во една од нејзините надлежности  е напишано дека оваа комисија е матична за сите прашања кои се однесуваат на правото на употреба на јазицитеи писмата на заедниците. Тоа ви е првата и свесна намерна грешка, истакна Димовски.

Втората намерна и свесна грешка, според Димовски, е фактот што на законот му се стави европско знаменце.

-Владата и вие го злоупотребивте знамето на Европската Унија за донесување на овој закон. Не постопи никаква регулатива и директива со која што се регулира ова прашање за употреба на јазиците на заедниците. Ставањето на знамето на ЕУ беше исклучиво од причини да се оневозможи темелна,  длабока, сеопфатна дебата од страна на пратениците во работните тела, со што свесно ги доведовте претседателите на работните тела да го прекршат Деловникот и без да се исцрпи намерата и желба за дискусија да ги прекинат седниците и да преминат на гласање на овој закон, истакна Димовски.

Потенцира дека крупна причина зошто овој закон треба да се симне од дневен ред е затоа огромен број на професори, македонисти, албанисти, професори од правните факултети, институтот за македонски јазик, МАНУ, бараат широка, јавна расправа пред да продолжи процедурата .

Барањето на Димовски не беше прифатено. Пратениците на СДСМ и нивните коалиционери од албанските партии инсистираа да се гласа за овој закон.