Вести

Димитриевски: 100 дена уништување на македонското земјоделие

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драги Димитриевски во емисијата „Од наш агол“ на МТВ истакна дека крајно неприкладно е дека за 100 дена СДСМ направиле значајни промени во секторот и во земјоделскиот развој.

 

-Она што се случи во 2006 година во Владата на ВМРО ДПМНЕ, е вистински бум во македонскиот аграр, во однос на целиот претходен период. Морам да направам една паралела, цела декада од осамостојувањето на Република Македонија, земјоделството беше оставено на маргините, без конкретни политики и поддршка, па дури се направија и деструктивни потези, кога цели системи што долго беа градени, се уништени .Зборувам за агрокомбинатите кои што беа целосно заокружени и по хоризонтала и по вертикала, каде што земјишните капацитети беа организирани во добри блокови. Сето тоа е направено во времето кога СДСМ ја практицираше власта. Владата на ВМРО ДПМНЕ аграрот го наследи во хаотична состојба, и мораше да се почне, не од времето од осамостојувањето, туку многу пред тоа, подвлече членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ Драги Димитриевски во емисијата „Од наш агол“ на МТВ.

Според него, она што се случи од 2006 година било незамисливо за целиот претходен период.

-Ги паметиме проблемите со земјоделските производи, палењето на тутунот, протестите на земјоделците, затворањето на патиштата, се се сведуваше на помош од 6 милиони евра, што беше премалку за македонското земјоделство. Производството на храна не може без силна буџетска поддршка, смета Димитриевски.

Тој вели дека она што се направило во последните 10 години е зголемување на финансиската поддршка за 25 пати.

-Да се зборува за постигнувања во развојот на македонското земјоделство,  за само три месеци, треба да се има сериозна програма, треба да се има поставено сериозни цели и на тие треба да се надоврзат мерки со кои ќе се остваруваат дадените цели. Јас ја прочитав програмата на сегашната влада во делот на земјоделство и такви работи не видов. Најголем дел се деклартивни искажувања дека ќе се залагаат за зголемување на земјоделските површини, а владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе донесе таков закон, вели Димитриевски.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ додава дека во периодот до приемот во Европската унија Македонија како земја, мора строго да ги почитува европските правила.

-Владата на ВМРО-ДПМНЕ, тука направи сериозни поместувања во последните 10 години и Македонија во моментов е најдалеку стигната во прилагодувањата кон ЕУ во однос на земјите од регионот кои претенденираат за членство во Унијата. Ако се враќаме на некои такви мерки, тоа ќе значи напуштање на финансиската поддршка и враќање во некое друго време. Ние имаме преземено обврски со самото членство во Светската трговска организација. Јас не би се враќал назад туку би одел напред со доградување на она што е направено. Доколку оваа влада на СДСМ смета дека ќе го менува моделот на финансиска поддршка, тогаш ќе мора да промени многу работи. Ќе треба да каже кои се стратегиските цели, дали ќе претендира стратешки на европските пазари. Она што сакаат да го прикажат како нешто ново го нема во тие нивни документи, туку гледам дека го прифаќаат она што го понуди ВМРО-ДПМНЕ за програмите за оваа година и буџетските средства за таа намена. Затоа, крајно неприкладно е дека за 100 дена направиле значајни промени во секторот и во земјоделскиот развој, потенцира Димитриевски.