Вести

Денеска е Св. Григориј, просветител на Ерменија

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 септември.

Денеска е Св. Григориј, просветител на Ерменија.

Роден е во видна фамилија, по род блиска до персискиот и ерменскиот царски дом. Кога овие два дома завојуваа, свети Григориј се повлече во Кападокија. Таму ја позна Христовата вера, се крсти и ожени. Во бракот му се родија два сина, Ортан и Аростан. По смртта на својата жена, свети Григориј се врати во Ерменија и му се стави на служба на цар Тиридат. Но, кога овој дозна дека Григориј е христијанин, го стави на тешки маки, а потоа го фрли во длабока јама, сакајќи да го умртви. А Бог не заборави на својот љубен и го одржуваше во јамата цели 14 години. Во меѓувреме, откако ги погуби сестрите од еден женски манастир, Тиридат полуде. На неговата сестра и се јави во сон некој светол маж и и кажа дека брат и нема да оздрави дури не го извадат Григориј од јамата. Кога излезе од јамата, свети Григориј го исцели и крсти Тиридат. По желба на Тиридат, Григориј потоа беше поставен за епископ на Ерменија и со помош на царот ја просвети Ерменија и околните земји со Христовата вера. Овој доброчесен маж се успокои околу 335 година.