Вести

Андонов: СДС врши класичен покуп пред очите на полицијата во Крива Паланка

Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ изјави денеска дека СДСМ од ден на ден се повеќе ја губи и така малата поддршка од граѓаните и се соочува се сериозен пораз на изборите во недела.

-Затоа СДС е во паника и почнува на криминален начин, со класичен поткуп, јавно и пред очите на полицијата да се обидува да привлече некој глас на нивна страна. Овие фотографии кои ги гледате зад мене се од Крива Паланка, каде што во присуство на полициски службеници со службено полициско возило, активисти на СДС испратени од Заев делеа прехранбени продукти на граѓаните (масло за јадење). Овде е прикажан само еден еклатантен обид за поткуп на граѓаните од страна на СДС што се обидуваат да го реализираат и во повеќе општини во Република Македонија. Предупредуваме дека со оваа постапка, СДС го прекршуваат чл. 162 ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија, кој вели: „Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години“, истакна Андонов.

Појаснува дека сината шкода на сликата е службено возило на МВР, кое е забележано дека се користи за партиски цели.

-Според член 8-Б од изборниот законик, за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи. Сите овие постапки на Заев и Спасовски се кривични дела за кои кривично гони и за кои ќе се одговара откако ќе замине неспособната власт на Заев и ќе се врати правната држава. Ваквите предизборни манипулации и криминали нема да му помогнат на СДС да ги оствари своите цели. Очигледно е дека Заев и Спасовски како впрочем и целото СДС заради остварување на сопствените интереси се подготвени да ги жртвуваат активистите на СДС но и да ги злоупотребат со нивна согласност или не, како што се гледа на приложените слики полициските службеници. Тие впрочем во последниве четири месеци покажаа дека свесно ја жртвуваат државата и во неа сите граѓани, а не пак да си поигруваат со поединци поттикнувајќи ги во вршење на кривични дела за кои ќе сносат лична одговорност според закон, вели Андонов.

Истакна дека маслото кое го делат во обид да ги маслосуваат граѓаните не може на СДСМ да им донесе ништо повеќе отколку дополнителен срам и да ги прикаже во нивното вистинско светло на рушветџии, неработници и неспособници за решавање на вистинските или реалните проблеми на граѓаните.

-ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува граѓаните да не обрнуваат внимание на бедните обиди за поткуп од страна на СДС и во недела на 15-ти октомври масовно да излезат на избирачките места и да гласаат за број 13 за кандидатите за градоначалници и советнички листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, рече Андонов.