Вести

Алексовска: Со лажни обвинувања сакаат да ја деградираат мојата личност и да ја замајуваат јавноста за сите видливи резултати

Поранешната директорка на скопската Агенција за вработување Слободанка Алексовска денес реагираше на обвинувањата на директорката на АВРМ дека трошела средства од сметката на Агенција за приватни цели. Алексовска потенцира дека се  работи за лажно обвинување се со цел деградирање на нејзината личност  и замајување на јавноста за сите видливи резултати.

 

-Постојано се вршат вакви лажни обвинувања кон раководните лица кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во Агенцијата за вработување кон мене има политички реваншизам бидејќи доаѓам од партијата која во моментов не е на власт. На 17.8 добив известување кое не е општ управен акт со кое ми се доделуваат работни задачи пет нивоа пониски од решението за работа и ми се забранува да ги вршам работните задачи кои произлегуваат од Доворот за работа и Решение за работа, посочува Алексовска.

На ова известие, вели Алексовска, поднесен е приговор до Државната комисија за спречување на корупција која го смета за основан и отвори предмет.

-Во истиот ден отворени ми се дисциплински постапки, ми е дадено решение за суспензија за работа. Инструирани се ревизии спротивно на законските прописи за спроведување на ревизија, ревизорите ги имаат прекршено основните стандарди за ревизија, не е известен ревидираниот субјект за што понатаму ќе бидат поведени постапки за ова незаконски постапување. Извршен ми е насилен упад и вербален напад во мојата канцеларија, регистриран во полициската станица Центар каде што при самото сторување има пет лица сведоци од кои е земена изјава, посочува таа.

Алексовска смета дека целата постапка која се води против неа, всушност е со цел деградирање на нејзината личност и нанесување штета на углед, како и замачкување на очите на јавноста за сите резултати кои се видливи.

-АВРМ во континуитет вадеше огромни резултати, вработувавме лица, стапката на невработеност од 36 проценти е намалена на 22,9 проценти, што значи дека Агенцијата и сите раководни лица работеле во интерес на граѓаните. Конкретно во Скопје сме организирале три саеми за вработување, два оваа и еден минатата година, бројни конференции, средби со работодавачи, форуми со работодавачи и невработени лица. Сите средства и сите ресурси на Центарот и Агенцијата се трошени во организирање на овие работи  во насока на подобро функционирање и отворање на нови работни места, потенцира Алексовска.