Освежено 23:31:37
Среда, 26 Ноември 2014
Вести денес: 159

Во индустријата за производство на автокомпоненти за разни типови возила Македонија доживува своевиден инвестициски бум. Во овој сегмент веќе работат десетина компании или наскоро ќе почнат со производство.

investitori fabriki-500

Како што пишува Нова Македонија, според досегашните најави од Владата, во игра се инвестиции во нови фабрики од најмалку 250-300 милиони евра, кои покрај зголемување на извозот, ќе овозможат и до 10.000 нови вработувања. Во списокот на компании што веќе работат во македонските индустриски зони се „Џонсон контролс“, „Џонсон Мети“, „Кромберг и Шуберт“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хоол“, „Дрекслмајер“, а неодамна беше објавено и доаѓањето на уште три компании од САД и од Германија.

Како примарен предуслов за ваквиот влез на странски инвеститори во земјава во Владата ги наведуваат поволностите што државата ги дава за странските инвеститори, промоцијата на Македонија како земја со најповолна бизнис-клима во регионот и честите роуд-шоуа на владиниот економски тим.

Дел од новодојдените компании се германски („Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслмајер“), на кои сега Македонија им е нов партнер во индустријата за производство на делови за автомобили.

Министерот за странски инвестиции Веле Самак вели дека соработката со германските компании за Македонија обезбедува конкурентност и квалитетно производство, а воедно покажува дека земјава има одлична бизнис-клима. Според него, релациите со Германија можат да бидат позитивни и продуктивни за двете земји.

- „Кромберг и Шуберт“ ја изгради новата фабрика во март 2013 година, а веќе има речиси 700 вработени. „Дрекслмајер“ од ноември веќе произведува во привремените хали и има над 800 вработени. Тие во текот на август ќе се селат во новата хала, која е моментно најголема што се гради во Македонија од над 50.000 квадратни метри и тековно извезуваат делови за „Мерцедес“. Двете фирми планираат да имаат по 1.000-1.500 вработени до крајот на годината, а во полн капацитет од 2.500 и 4.000. Како резултат на нивните инвестиции, моментно финализираме планови за еден нивни доставувач, кој ќе инвестира за снабдување на овие два капацитети, вели Самак.

Тој вели дека уште една германска компанија, автомобилски доставувач во мехатрониката, ќе инвестира 35 милиони евра во Велес во изградба на погон. Самак вели дека градбата ќе почне наскоро, додека со вработувањата ќе почнат од следната година.

Дека Македонија е надежна и конкурентна дестинација за автомобилската индустрија потврдува и Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Тој посочува дека во моментов осум компании, кои се гринфилд-инвестиции од автомобилскиот сектор, веќе имаат добиено локации, а некои од нив веќе одлучија да реинвестираат во нова фабрика или во проширување на својот првобитен капацитет.

Според него, станува збор за значајни инвестиции, со оглед дека претходно не постоел ваков интерес за инвестирање во Македонија.

Мизо вели дека главните поволности што се пресудни во одлуката да се инвестира во Македонија се активната промоција, поволната и стабилна бизнис-клима, поддржана со ниски трошоци за водење бизнис, потоа квалитетот и расположливоста на ценовно-конкурентната работна сила, како и специјалните локациски услови, како што се слободните економските зони.

Покрај германските компании, како инвеститори што веќе го потврдиле изборот на Македонија за инвестициска дестинација од автомобилскиот сектор тој посочува и две компании од САД, од кои едната ќе биде лоцирана во зоната во Кичево, а другата треба да биде во источна Македонија, поточно во кочанскиот регион. Покрај овие, Мизо вели дека има и поголем број други компании од различни земји, со кои се во тек завршни преговори и кои наесен треба да донесат конечна одлука.

- Македонија е во еден круг од две-три земји, меѓу кои треба да се донесе конечна одлука. Сметам дека она што е многу важно е што тука немаме само инвестиции што гравитираат кон Скопје, туку поголем број од овие инвеститори се заинтересирани и за другите градови од внатрешноста на Македонија, што е многу важно од аспект на регионален развој и дисперзирање на она што значи економска база - додава Мизо.

Тој вели дека многу битни за овие инвестиции се соработката со државата и помошта што таа им ја нуди при реализацијата на инвестицијата.

- Дополнителен импулс во насока на привлекување нови инвестиции во овој индустриски сегмент даваат и знаците на заздравување на автомобилската индустрија. Тоа може да биде дополнителен стимул за одлуки на компаниите за инвестирање во нови погони или за реалоцирање на постојните погони од неконкурентните дестинации во Европа, вели Мизо.

Сѐ уште не се открива што ќе произведуваат американските компании во Македонија. Во моментов во обновениот автомобилски сектор во земјава се произведуваат кабелски инсталации („Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслмајер“), автобуси („Ван Хоол“), катализатори за автомобилската индустрија („Џонсон Мети“), навлаки за седишта („Џонсон контролс“), електрични проводници за автомобилска и воена индустрија („Кемет електроникс“) и армирани гумени црева и хидраулични спојници под висок притисок („Технохозе“).

Спонзорирани линкови