Освежено 11:39:36
Четврток, 18 Септември 2014
Вести денес: 55

Мултииндикаторско кластерско истражување ги обезбедува најновите информации за состојбата на жените и децата и ги мери клучните индикатори, кои на земјите им овозможуваат да го следат напредокот кон Милиениумските развојни цели и други обврски договорени на меѓународно ниво.

spiro-i-pance-500

Ова беше речено на денешната прес-конференција на која беа презентирани наодите од истражувањето кое беше спроведено во соработка помеѓу УНИЦЕФ и Институтот за јавно здравје.

-Се повеќе истражувања покажуваат дека националниот развој ќе остане нарамномерен доколку не се обрати посебно внимание на ранливите категории во општеството. Потребни се податоци, односно докази за тоа каде се потребни посебни интервенции, рече претседателот на УНИЦЕФ во Македонија, Шелдон Јет.

Според него, во последните години кај најсиромашните деца забележани се позитивни трендови во зголемување на број на вакцинирани деца и зголемен пристап до образование, додека пак, како недостаток ја истакна физичката казна која голем дел од родителите во Македонија ја користат како мерка за воспитување на своите деца.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски рече дека податоците од ова истражување ќе помогнат во понатамошното креирање на политиките во бројни општествени сфери.

 –Овој извештај опфаќа области кои го тангираат Министерството, како што се раниот детски развој и едукација, упис на децата во матичните книги на родените, детски труд, склучување на малолетнички бракови и семејно насилство. Во некои од овие области е постигнат поголем, а во некои помал напредок, рече Ристовски.

Во раниот детски развој има значителен напредок, имено бројот на деца кој во раното детство посетуваат програма за едукација е зголемен од 10 на 20 отсто. Напредок има и во запишување на децата во матична книга на родените, каде процентот е зголемен од 94 на 99,7 отсто. Исто така, забележано е намалување на бројот на малолетнички бракови кај девојчиња за 1,3 отсто, како и зголемување на свеста за пријавување на семејно насилство кое се намалило од 21 отсто во 2005 година на 15 отсто.

Министерот за образование и наука, Панче Кралев се осврна на напредокот во образованието, каде бројките покажуваат дека 98 отсто од основците сакаат да го продолжат своето образование, односно овој процент кај Ромите изнесува 85 отсто.

-Министерството за образование не се фокусира само на образованието на учениците, туку и на возрасните. Така со донесувањето на Законот за образование на возрасни се создаде правна рамка со која се регулира овој сегмент, рече Кралев.

Тој потенцираше дека, наодите од извештајот покажуваат дека во изминатиот период има голем напредок, односно дека податоците на национално ниво се позитивни и покажуваат прогрес во сферата на образованието.

Видеото е превземено од првата македонска интернет телевизија Македонија24.
Превземањата се во согласност со условите пропишани од Македонија24.