Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Двојазичноста не ја приближува државата кон ЕУ и НАТО, туку ја оддалечува и ја враќа назад во минатото кон нови поделби

СДС ја лаже и манипулира јавноста, законот за двојазичност е неуставен и креира поделби во Република Македонија, и истиот не е во согласност со итните реформски приоритети, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение се наведува дека Владата наместо да се насочи кон изнаоѓање решенија за реалните потреби на граѓаните се зафати со креирање на нови поделби помеѓу граѓаните.

-Двојазичноста на целата територија која ја планира СДС го девалвира македонскиот јазик и неговата употреба, кој од официјален јазик, станува само еден од двата службени јазик на територијата на државата, иако него го говорат над 2/3  од населението. СДС спротивно на уставот и европските вредности спроведува целосна двојазичност. Двојазични ќе станат сите централни институции, судовите, обвинителствата, нотарите и извршителите во цела држава, сето тоа на крај ќе го платат македонските даночни обврзници, пари кои наместо во нови инвестиции, патишта, училишта, болници, градинки и други инфраструктурни објекти ќе завршат во спроведување на двојазичноста која нема да му помогне никому да овозможи подобри услови на своето семејство, подобро школување на  своите деца и шанси за напредок и успех во животот, туку ќе ги зголеми ѕидовите помеѓу граѓаните. Двојазичноста не ја приближува државата кон ЕУ и НАТО, туку ја оддалечува и ја враќа назад во минатото кон нови поделби, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата двојазичноста не носи реална корист за граѓаните, туку дополнителен трошок по нивниот џеб. Имено за реализација на истата со член 18 од законот се предвидува основање на Агенција за примена на јазикот, за која во првичниот Буџет се предвидени скоро 9 милиони денари.

-Владата предвидува и ригорозни казни за сите кои нема да ја почитуваат двојазичноста, па така глоби до 5000 евра ќе плаќаат институциите и одговорните лица во нив, кои ќе ја прекршат двојазичноста. За спроведување на казнената политика ќе се формира Инспекторат, чие формирање со првичниот Буџет државата ќе ја чини над 7 милиони денари, пари на граѓаните. Граѓаните само ќе имаат финансиски импликации и ќе треба од свој џеб да ја плаќаат вештачки наметнатата, непотребна и неоснована двојазичност. ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој неуставен закон кој е во спротивност со идејата за напредно и развиено општество, нагласуваа од ВМРО-ДПМНЕ.