Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Рама лаже дека сме ја прифатиле тиранската платформа

ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама дека целосно ја прифатиле тиранската платформа и го осудува неговото, како што велат, континуирано мешање во внатрешните работи на Република Македонија.

vmro-dpmne

– Целосна невистина е дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифатило тиранската платформа. Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ ниту некогаш преговараше, ниту се согласи со тиранската платформа. Очигледно е дека Еди Рама со пласирање на ваквите лаги сака да ја релативизира опасноста од тиранската платформа и сака да отвори простор неговиот истомисленик Зоран Заев да ја реализира што поскоро, се вели во демантот од ВМРО-ДПМНЕ.

Албанскиот премиер, се додава, освен што се меша во внатрешните работи на Република Македонија, со своите последни изјави за сојузи на балкански држави предизвикува и подгрева поширока дестабилизација на Балканот и ги повампирува идеите за големи држави, што е директно спротивно на европската перспектива на земјите од овој дел од Европа.

– Еди Рама е човекот кој срамно и недолично во интервјуа ги навредува Македонците нарекувајќи ги славомакедонци. Еди Рама е човекот кој постојано ги подгрева страстите во земјава изјавувајќи дека имало 35 отто Албанци, а при тоа го негира мултиетничкиот карактер на државата. Тој е подготвен на се во пресрет на домашните избори што го очекуваат не водејќи сметка веќе ниту што зборува, ниту каква штета прави за регионот и добрососедството со својата националистичка и ксенофобична реторика, се посочува во демантот од ВМРО-ДПМНЕ и се потенцира дека изјавите на Рама се спротивни на европските вредности и принципите на неменување на границите и градење партнерски односи помеѓу балканските земји.