Политика

Стефаноски: Кадровски промени што ги прави Спасовски преставуваат еклатантен пример за злоупотреба на службената положба и овластувања

СДС е во паника. Знаат дека граѓаните ја прочитаа нивната деструктивност и неспособност и мислат дека ќе се спасат преку злоупотреба на државните институции. За СДС не постои одвоеност меѓу државата и партијата. Се кршат закони и партиски се злоупотребуваат сите ресурси, обвини Милан Стефаноски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција.

 

Стефаноски вели дека партизираноста на Министерството за внатрешни работи, поставувањето на нестручни кадри кои поседуваат партиска книшка на СДС, резултира со сериозни инциденти во кампањата.

-Оливер Спасовски продолжува незаконски да ги распоредува и унапредува партиските послушници во пресрет на изборите. СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање на „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само 4 дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова претставува еклатантен пример за злоупотреба на службената положба и овластувања. Имено, во текот на вчерашниот ден, направени се измени во ПС Гевгелија, каде што за командир е назначен Миле Ангелков, за заменик командир – Пепи Еленски, за началник на Надворешната канцеларија за криминалистички работи е поставен Гоце Петров и за сменоводител – Перо Василевски, изјави Стефаноски.

Тој порача дека ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност.

-Би сакале да ги предупредиме послушниците на Оливер Спасовски и него самиот дека правната држава ќе се врати откако Заев ќе замине од власт. Тогаш сите ќе одговараат за криминалот што го сториле. Документирани се сите злоупотреби на службени возила, а пристигнуваат бројни информации дека полициски службеници наместо да се на работното место, по налог на потпретседателот на СДС агитираат меѓу граѓаните. Нивните признанија и изјави можеби ќе ја намалат одговорноста, но одговорност ќе има, изјави Стефаноски

Тој порача дека после 15-ти октомври ќе се врати правната држава и секој ќе одговара за злоупотребите што ги сторил.