Политика

Пешевска: Министерството за транспорт и врски ќе потроши над 24 илјади евра за набавка на алкохол

Денес ќе презентираме уште еден голем скандал. Во исто време кога владата нема пари за пензионерите и им го скрати покачувањето, се намалуваат платите, нема пари за загубарите како Колска, Железници, и редица други фирми, Министерството за транспорт и врски ќе потроши над 24 илјади евра за набавка на алкохол, истакна на денешната прес-конференција Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

-По стапките на другите министри од владата на СДС и господинот Сугарески пред неколку дена реши да се почести себеси со парите на граѓаните. На електронскиот систем за јавни набавки стои оглас за набавка на алкохолни, безалкохолни пијалоци и апетисани, според кој договорен орган е Министерството за транспорт и врски со кое што раководи Горан Сугарески. Проценетата вредност е над  24.000 евра, потенцираше Пешевска.

Таа вели и дека Владата на СДС нема срам, господинот Сугарески решил да набавува алкохол вреден десетици илјади евра. Сугарески отткако е министер за транспорт и врски единствено што направи е блокирање на се она што беше изградено и реализирано како инфраструктурни и капитални проекти од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

-Наместо за проекти парите на граѓаните ќе одат на купување на алкохол за потребите на владата и Министерството за транспорт. Ова е пример за расипништво. Бараме веднаш да се поништи оваа набавка и парите да се пренасочат кон реализација на проекти за граѓаните. На претстојните локални избори на 15-ти октомври граѓаните ќе го казнат СДС. Граѓаните ќе кажат НЕ на расипникот Зоран Заев, Горан Сугарески и нивната екипа, рече Пешевска.