Политика

Костовски: Рашковски организирал именување на ВД директори кои немале соодветна писмена препорака од надлежен орган за места за кои тоа е потребно

Драги Рашковски има кривична одговорност за кршење на законот и незаконско именување на функционери. Тој изјави дека колективно се носеле одлуките. Тоа значи признавање и неуспешен обид за отргнување на вината, истакна на денешната прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во периодот на назначување на Драги Рашковски на функција па се до денот на распишување на локалните избори во неколку наврати организирал именување на ВД директори, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, и лица кои не поседуваат соодветна писмена препорака од надлежен орган за места за кои тоа е потребно. Рашковски до владината седница доставувал некомплетна документација за предложените кандидати, а истата ги именувала без да бидат исполнети со закон предвидените критериуми, вели Костовски.

Тој истакна дека именуваните ВД директори кои немале соодветна писмена препорака истата ја добивале денот по нивното назначувањето и таа била заверувана од страна на архива на владата пост фестум. Со што се вршело кривично дело. Лицата именувани на ваков начин законски се нелегитимни, а лицата кои го дозволиле сето ова мора да сносат кривична одговорност, за свесно креираниот правен хаос.

-Поради тоа ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена поднесе кривична пријава против Драги Рашковски, кој од позиција на Генерален секретар на владата, ја злоупотребил службената положба и овластување, при што сторил кривично дело според чл. 353 од Кривичниот Законик. Граѓаните во овие 100 дена видоа дека Заев под превезот реформи и живот, мислел на реформи и живот за тесното раководство на СДС и луѓето блиски до нив. На ароганцијата и политичкото самоволие на Рашковски и Заев ќе дојде крај и никој нема да биде над законите. СДС и Рашковски треба да знаат дека за секое незаконско работење и прекршување на законот ќе биде ревидирано и санкционирано, потенцираше Костовски.