Политика

Данев: Додека граѓаните се плашат од несигурната иднина, кланот Заеви и функционерите од врвот на власта ги полнат џебовите

Неспособната влада на СДС ја втурна македонската економија во рецесија. Рецесијата значи отпуштања на луѓе од работа, и затворање на компании. Исто така рецесијата значи и пониски плати како што и всушност се случува во Република Македонија, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес конференција.

 

Данев вели дека ДЗС и официјално потврди дека ќе се намалува бројот на работници во градежништвото, а воедно ММФ ги намали прогнозите на раст на економијата.

-Поради неспособноста на СДС падна просечната плата, цените на производите се покачуваат, фабриките се затвараат, вработените се отпуштаат. Ова се последиците од падот на индустриското производство за цели 5,3% и пад падот на извозот за катастрофални 12%. Толку од ветувањата на Заев за подобра економија. Во првите четири месеци од нивното владеење, во Македонија има пад на бруто-домашниот производ за 1.8%. Поради рецесијата македонските граѓани осиромашуваат, стандардот на живот опаѓа, а државата се задолжува. Единствено се полнат џебовите на функционерите од врвот на власта, изјави Данев.

Тој напомена дека додека народот стравува за својата егзистенција, тендерашот Анѓушев го зголеми своето лично богатство за неколку милиони евра.

-Додека граѓаните се плашат од несигурната иднина, кланот Заеви приграбија фабрики за багателни пари. За само 4 месеци неспособната власт ја презадолжи Македонија за половина милијарда евра, а од тоа народот не виде ништо. Никој не знае за што се потрошија тие пари, кои ќе треба да ги враќаат сите граѓани заедно. Поради катастрофалните политики на СДС, поради неспособноста на власта и негрижата за економијата, граѓаните на 15-ти октомври ќе ги казнат и ќе им кажат големо НЕ на нивните политики, изјави Данев.