Култура

Тројца македонски поети ќе учествуваат на „Борина недела“ во Врање

Поетите Христо Петрески, Јордан Ѓорчев и Трајче Кацаров ќе учествуваат на педесеттата манифестација „Борина недела“, која традиционално се одржува во Врање – родното место на српскиот писател Борисав Станковиќ.

 

Во слава и чест на познатиот автор на „Коштана“, „Нечиста крв“ и други дела, од 23-ти до 29 март по 50-ти пат Врање ќе биде домаќин на голем број писатели од Србија и од странство.

Годинашната „Борина недела“ слави три јубилеи: 50 години на манифестацијата, 140 години од раѓањето на Борисав Станковиќ и 25 години од востановувањето на Борина награда.

Петрески, Ѓорчев и Кацаров ќе настапат на свеченото отворање кое ќе почне со претставување на современата српска и македонска поезија, односно со настап на српски и македонски поети.