Култура

Средба со студенти на затворањето на изложбата на Вангел Наумовски

Во Националната галерија на Македонија, во Даут-пашин амам денеска ќе се одржи средба на кустосот Маја Чанкуловска-Михајловска со студенти од Американ колеџ во Скопје по повод затворањето на ретроспективната изложба на Вангел Наумовски.

vangel

На изложбата беа изложени 95 дела од сите творечки фази на Наумовски, времено позајмени од семејството на авторот, како и од повеќе институции и приватни сопственици во Македонија, а увид во неговото творештво овозможија и институции од Хрватска и Србија.

Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети. Тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта…

Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи. Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него.

Вангел Наумовски се вбројува меѓу малиот број уметници од Македонија кои достигнуваат најголема афирмација и надвор од Македонија уште за време на своите најактивни творечки години.