Култура

Промоција на книгата „Време во зборови“ на Ноциќ

Книгата „Време во зборови“ на новинарката Благородна Абрашева Ноциќ ќе биде промовирана утре во винскиот бар „Подрум“ (Т.Ц. Буњаковец) во Скопје, во 20:30 часот.

vreme-vo-zborovi-none-nocik

Книгата е збирка од ексклузивни интервјуа објавени во период од три и пол години. Покрај разговорите, Абрашева Ноциќ изнесува и свои лични белешки и гледишта за соговорниците – истакнати писатели и новинари, потоа личности од балканската естрада, но и дел од најголемите кулинарски имиња во светот.

За книгата Сашо Мацановски Трендо ќе напише:

„Импозантен е кастингот што Ноциќ успеала да го наведе на разговор. Полнокрвни ликови и силни индивидуалци со завиден професионален багаж. Тоа што нејзините соговорници често не се од овде ги прави овие разговори уште поскапоцени. За да не потонеме во едноличноста на темите и ликовите кои ни се нудат и да не се помириме со ниското небо во кое удира нашата заинтересираност. Во таа смисла, ова што е пред вас е сосема надвор од вообичаените вкус и мирис на нашата медиумска сцена. Во мензата што постојано мириса или на грав или на зелка, Ноне со години ни шверцува скапоцени зачини“.

Промотори на настанот се Емилија Андоновска Пападимитров и владиката Пимен. За музичкиот дел од настанот е задолжен битолскиот рок-бенд „Ние (запирка)другарите“.

Книгата е во издание на „Или-Или“.