Култура

Премиера на „Пепелашка“ во Театарот за деца и младинци

Премиерата на претставата „Пепелашка“ по  Шарл Перо и браќата Грим, а во режија на Дејан Дамјановски вечер ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци. Претставата е во рамки на 37-та манифестација „Скопско лето“.

Според директорот на Театарот за деца и младинци Братислав Димитров, претставата ќе биде вистински хит и ќе има долг живот.

– По сите знаци и параметри ова е одлична екипа на креативни луѓе, докажани и автори со голем театарски апетит и творечки потенцијал, рече Димитров на вчерашната прес-конференција.

Драматургот Горјан Милошевски информира дека ги искористил бајките на Шарл Перо и браќата Грим и мотивите од цртанот на Дизни.

– Ги испишав ликовите на мој начин. Ситуациите се развиени по моја визија и идеја. Пепелашка и Принцот не се безгласни. Тие не се само убави луѓе кои се заљубуваат еден во друг, туку имаат свој коментар и став, рече Милошевски.

Тој потенцира дека децата најважно е да имаат голема верба, надеж и љубов и да имаат свој став во животот.

За режисерот Дамјановски ова е трета претстава во Театарот за деца и младинци. Тој додаде дека изборот за „Пепелашка“ е личен и субјективен.

– Претставата или бајката „Пепелашка“ се базира на премисата-на добрите луѓе им се случуваат добри работи. Тоа е доста важен момент во денешно време, потенцира Дамјановски, додавајќи дека се работи за комплексен проект и солидна претстава.

Претставата трае околу педесетина минути и во неа играат единаесет актери. Играат Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Катарина Илиевска Силјановска, Емра Куртишова… Костимографијата е на Елена Дончева, сценографијата на Кирил Василев, а музиката на Сашко Костов.

„Пепелашка“ од септември ќе биде на репертоараот на Театарот за деца и младинци-Скопје.