среда, 17. јануари 2018. Вести денес: 72
home Македонија

Кикиљас: Ако Ципрас и Каменос не можат да се договорат за името, да поднесат оставки

Кикиљас: Ако Ципрас и Каменос не можат да се договорат за името, да поднесат оставки

Одговорниот за безбедност во грчката опозициска партија Нова демократија Василис Кикиљас во интервју за весникот „Real news“ упатува критики до коалициската влада во однос на прашањето за името и уште еднаш ја повторува позицијата на неговата партија дека со различните позиции на СИРИЗА и Независни Грци се доведува во прашање владиното мнозинство.

– Со други зборови, ако господата Ципрас и Каменос не се согласуваат, нека си поднесат оставки. Нова демократија има јасна позиција, формирана во Букурешт: сложено име за севкупна употреба (ерга омнес) и решение на прашањето за името пред да започне процесот на интеграција на Скопје во НАТО, вели Василис Кикиљас во интервјуто.

Oвој став за грчките медиуми, но и преку официјални соопштенија, континуирано го повторуваат од опозициската Нова демократија. Преку портпаролката Марија Спираки, преку поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, преку надлежниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос, преку потпретседателот Костис Хаѕидакис, опозициската партија јасно и гласно и порача на владата да ги усогласи позициите, Ципрас и Каменос да најдат заеднички став, бидејќи во спротивно, Нова демократија нема да го поддржи евентуалното решение.

Минатата сабота Кирјакос Мицотакис, претседателот на конзервативната партија, преку весникот „То вима“ го порача истото она што денеска го спомнува Кикиљас, ако Ципрас и Каменос не можат да се договорат за едно важно прашање од национално значење, тогаш треба да си дадат оставка. Оваа порака беше повод и причина за почеток на меѓусебни обвинувања на релација власт – опозиција.

Од Кабинетот на Ципрас велат дека потпретседателот на Нова демократија и поранешната министерка за надворешни работи имаат различни позиции. На ова реагираа од опозициската партија со став дека СИРИЗА и Независни Грци се власт, а не опозицијата. Од Нова демократија рекоа дека претпоставуваат дека Ципрас и Каменос комуницираат меѓу себе и очекуваат од нив конкретен и заеднички предлог за името.