Хроника

Бугарка која се претставувала дека е од Тетово измамила Британец за 13.800 евра

Можеби зачудува, но тетовската полицијанајчесто има работа со интернет-криминал. Неодамна Британец побарал помош од тетовската полиција кога сфатил дека наседнал на измамата на девојка што ја запознал преку „Фејсбук“ и во која се вљубил, но таа успеала да го олесни за 13.800 евра, пишува „Дневник“.

За измамничката, која му се претставувала на Британецот дека е од Тетово, подоцна било откриено дека е од Бугарија. Таа покажала фалсификуван пасош кој бил на нејзино име, но во делот каде што е издаден пишувало дека е издаден од СВР Тетово.

Измамениот Британец на возраст од 47 години, од Њукасл, во октомври лани допатувал во Тетово и пријавил дека бил измамен од тетовката со која се познавал само преку „Фејсбук“. Според неговата пријава, тој со девојката станал пријател два месеца претходно. На почетокот таа му кажала дека е од Kичево, а подоцна му рекла дека е од Тетово. Двајцата се допишувале, а девојката постојано му испраќала фотографии. Британецот се вљубил и ѝ понудил брак, а таа прифатила. Во меѓувреме му кажала дека ѝ биле потребни пари за лекови за болната мајка, но измислувала и други изговори за да ѝ испрати пари. Британецот на неколку наврати ѝ испратил 13.800 евра.

Kога дошло време да се сретнат, се договориле да се сретнат на аеродромот во Барселона, Шпанија. Таа дури и му испратила фотографија дека е на аеродромот во Барселона, но фотографијата била претходно направена. Дури и му кажала дека била ограбена кога слетала на аеродромот и дека ѝ ги зеле парите по што тој пак ѝ пратил пари на сметка. Но, кога стасал на аеродромот, девојката не била таму и му било кажано дека такво лице не слетало на нивниот аеродром. Сфатил дека е измамен.

По ова, Британецот допатувал во Македонија и за случајот го известил СВР Тетово. Тој во полиција ја приложил и фотографијата од нејзината патна исправа што таа претходно му ја испратила и било откриено дека станува збор за фалсификат. Пасошот бил на нејзино име, но во делот каде што е издаден пишувало дека е издаден од СВР Тетово. Била откриено дека измамничката е од Бугарија. Британецот решил да ја пронајде и заминал во Бугарија. Тој го пронашол местото каде што живее, но со неа не успеал да стапи во контакт.