Економија

„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија: Економијата има позитивни трендови

Кредитната агенција Стандард и Пурс го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, ББ- со стабилен изглед.

 

Од кредитната агенција наведуваат дека како и во октомврискиот извештај,  рејтингот го базираат на добрите економски перформанси на македонската економија, но и на политичката криза која кулминира.

Стандард и Пурс оценуваат дека во економијата има позитивни трендови и покрај политичката криза, и нивните економски проекции се позитивни. Од Агенцијата очекуваат невработеноста да продолжи да се намалува во континуитет од година во година и во 2020 да се сведе на 21,5 отсто. Согласно нивните проекции инвестициите и извозот ќе продолжат да растат и на среден рок.

Стандард и Пурс пишуваат дека слободните економски зони ќе бидат генератор на економскиот раст, особено преку синергијата од соработката со локалните компании и добавувачи.

Како што наведуваат од рејтинг агенцијата, буџетскиот дефицит од 2,8 проценти во 2016 година е низок, а земјата спроведува фискална консолидација со која дефицитот ќе се сведе на 2,2 проценти до 2019 година.

Стандард и Пурс посочуваат дека државниот долг иако е пораснат, може да се квалификува како низок во споредба со земјите со ист кредитен рејтинг.

За банкарскиот сектор од Агенцијата наведуваат дека е добро капитализиран и профитабилен и главно е финансиран од домашни депозити.

Како најголема закана за македонската економија, Стандард и Пурс ја гледа политичката криза. Во извештајот пишува дека политичката ситуација станала уште покомплицирана по спроведувањето на изборите во декември 2016. Според нивното видување, и да се формира влада, таа нема да биде стабилна и нема да може да биде носител на реформски процеси и кризата нема да се разреши.

Како Стандард и Пурс, во февруари годинава и кредитната агенција Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, наведувајќи дека согласно економските перформанси, земјата заслужува повисок рејтинг од сегашниот, но поради политичката криза не можат да дадат повисок рејтинг.