Економија

Отворен 7. Меѓународен саем за туризам

Седмиот Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет 2017“ денеска беше отворен на Скопски саем. На саемот учествуваат туристички агенции и тур-оператори, хотели од Македонија, општините, компании за производство на хотелска опрема, а посетителите ќе може да се информираат за понуди и можности за патувања.

 

И оваа година покровител е Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот на Република Македонија, а партнер Стопанската комора за туризам. Традиционално, Република Турција ќе учествува со свој штанд, а странски изложувачи ќе бидат и општините Тиват, Бујановац и Врање.

Саемот го отвори директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот на Република Македонија Лела Крстевска, која истакна дека тој е дополнување на алтаките за промоција на сите чинители на туристичката фела во Македонија и пошироко.

– Туризмот нуди низа бенефити, од економски до социјални, а за тоа е свесна Владата која оваа економска гранка ја гледа како приоритетен економски сектор и презема бројни активности за нејзино развивање и одржливост. Крајната цел е да се зголеми присутноста на Македонија и видливоста на македонските бои во светот, рече Крстевска.

Владата, како што рече, докажа дека минатите десет години туризмот беше само во пораст и фактот дека бележиме 140 отсто раст на странски туристи во минатите десет години е доказ за нашите заложби.

Таа ја поздрави иницијативата на Агенцијата, Џејкобс медиа групата под покровителство на ПАТА и Светската туристичка организација Скопје да биде домаќин на две интераниционални конференции – за менаџирање кризи во туризмот и европска конференција, прва од таков вид, за зближување на Азија и Европа. Оваа манифестација ќе се одржува од 18 до 20 јуни во Скопје.

Извршната директорка во Скопски саем Даниела Глигоровска оваа специјализирана саемска манифестација е вистинско место за промоција на туристичката индустрија и понуда, за туристичките агенции и тур-оператори од државата и од странство.

saem za turizam 2

Република Турција традиционално, седми пат учествува на Саемот за туризам. Директорот на советништвото за култура и промоција на Република Турција Хакан Озчелик ги повика македонските државјани годинава да ја посетат Турција.

– Турција е подготвена за новата туристичка сезона и нуди прекрасни услуги и е една од најевтините земји за туристичкиот сектор. Со 40 милиони туристи Турција е на шесто место во светот, како една од најпосетените земји во светот. Ве поканувам да ги посетите туристичките дестинации – Анталија, Сиде, Бодрум, Фетхие, Мармарис, Кушадаси… Потврдувам дека оваа година Турција и од безбедносен аспект е подготвена, рече Озчелик. Нагласи дека Турција е многу позната и по културните вредности.

Влезниците се по цена од 30 денари, односно 20 денари за организирани и групни посети. Работното време е од 10 до 20 часот.