Економија

Извозот во јануари и февруари поголем за 7,2 проценти

Во првите два месеца од Македонија се извезени стоки за 7,2 проценти повеќе од тој период лани. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки во овие два месеца изнесува 747.106.000американски долари.

 

Објавените податоци покажуваат дека вредноста на увезената стока, во периодот јануари-февруари 2017 година изнесува 1.014.149.000 долари што е за 10,8 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Трговскиот дефицит за овој период изнесува 267.043.000, а покриеноста на увозот со извоз е 73,7 отсто.

Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари-февруари 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.