Економија

Градежништвото го билда растот на БДП

Македонската економија во 2016 година испорача раст од 2,4%, недоволен за поосетно подобрување на животниот стандард, но и повеќе од задоволителен во услови на внатрешна политичка криза, пишува Лидер

 

gradeznistvo-banskoliev1 (1)

Градежништвото е сè уште моторот на домашното стопанство. Овој сектор во последниот квартал од минатата година оствари позитива од огромни 28,5%, додека растот за цела 2016 изнесува 18,5%.

Македонските градежници се задоволни од постигнатите резултати, и во нискоградбата и во високоградбата. Сепак, предупредуваат дека треба што поскоро да и се стави крај на политичката криза, бидејќи овој сектор е зависен од стабилноста на општествените текови.

„Градежништвото последниве години е двигател на економскиот раст во Република Македонија. Во последниот квартал имавме раст од речиси 30 проценти, а и за годинава имаме проекција за раст. Овие проекции се поткрепени со стабилниот пазар на недвижности, како и со проектите за капитални инвестиции во инфраструктурата. Ние како градежен сектор машки ја издржуваме моменталната политичка криза и бележиме раст, но не знаеме уште колку ќе можеме да издржиме, затоа што не знаеме до кога ќе трае политичката нестабилност. Апелираме час поскоро да се реши кризата за да може градежниот сектор и понатаму да си ја работи својата работа, да остварува успеси и да биде двигател на економскиот раст“ – вели првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.

Сличен е ставот и на градежниците од Стопанската комора на Македонија.

„Градежништвото како сектор е многу специфичен, бидејќи долги години треба да го стабилизираш, градиш и развиваш, а да се урне е потребно малку. Ние сме многу внимателни и сметаме дека годинава големо внимание ќе има времетраењето на политичката криза. Градежниците сакаат да работат и да егзистираат, со тоа егзистираат околу 52 илјади вработени во овој сектор“ – објаснува претседателот на Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.

Градежниците и годинава ќе прокнижат позитива

Буџетот за годинава е скроен со проекција за раст на БДП од 3%, како и со очекувана позитива во градежниот сектор од 5,2%. Оваа проекција се чини реално остварлива, особено ако се опстои во намерата целосно да се реализираат планираните средства за капитални инвестиции од 438 милиони евра, за 20,7% повеќе од лани.

„Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој. Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции во изминативе години се покажа како добра за повеќе сектори, пред сè за градежништвото и индустријата, затоа од 2009 година наваму постојано се зголемува износот на капитални инвестиции во буџетот“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Капиталните инвестиции го движат градежништвото

Годинава треба да продолжи работата на крупни, капитални проекти. Се градат нови автопати, експресни, регионални и локални патишта, железница, продолжува проектот за гасификација на земјава, за изградба и уредување на слободни економски зони, водоводи, канализации.

„Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е обезбедена финансиска конструкција, а тоа влева сигурност.  Дополнителен придонес кон зголемување на капацитетите на градежниот сектор имаат и проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“. Но, важно е да се има стабилност, континуитет и предвидливост, да се реализираат капиталните вложувања, граѓаните да се сигурни при правењето долгорочни инвестиции, како што е купувањето стан или куќа“ – објаснува Хот.

Градежниот сектор е многу важен за македонското стопанство, бидејќи повлекува и раздвижување во голем број стопански гранки.

„Градежниот сектор е еден од главните двигатели на економијата во последните три години и ќе остане барам во идните две години. Инфраструктурните проекти направија да се раздвижи не само градежништвото, туку и други 25 стопански гранки коишто се тесно поврзани со градежништвото“ – вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Што покажуваат статистичките податоци?

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство во 2016 изнесува 2,78 милијарди денари, за 26,9% помалку во однос на истиот период од претходната година. Нашата оператива во странство извршила градежни работи во вредност од 2,39 милијарди денари, за 19,4% помалку од истиот период 2015 година.

Овој тренд се објаснуваат со фактот што во изминатиов период, македонските градежници се фокусирани на проектите на домашен терен. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека само во јануари се издадени 368 одобренија за градење, за 39,9% повеќе во однос на истиот месец од 2016 година. Предвидената вредност на објектите изнесува 5,26 милијарди денари, за цели 69,2% повеќе во однос на ланскиот јануари.

„Очигледна е експанзијата во последните 10 години. Ако пред 10 години имавме финансов обрт од 280 милиони евра, денес во градежниот сектор имаме 700 и 800 милиони евра“ – вели првиот човек на „Адора инженеринг“, Ванчо Чифлиганец.

226 издадени одобренија за градба, односно 61,4% се за објекти од високоградба, 41 одобрение или 11,1% се за нискоградба, додека 101 (27,5%) се за реконструкција.

Забрзано се градат нови станови

Согласно издадените одобренија за градба во првиот месец од годинава, предвидено е да се градат 503 станови со вкупна корисна површина од 47.421 квадратен метар. Зголемената понуда веќе влијае на цените. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната цена за квадратен метар станбена површина во 2016 година изнесувала 43.091 денар, за 6,5% помалку во однос на претходната година. Просекот за Скопје изнесува 50.829 денари, односно 3,9% помалку во однос на цената од 2015 година.

„Цените на пазарот на недвижности остануваат стабилни, со благ пад во некои општини како реакција на презаситеноста на пазарот од новоизградени стнанови. Агенцијата за катастар на недвижности во следниот период, доколку условите на пазарот останат исти, очекува блад пад на цените на недвижностите, пред сè поради зголемената градежна активност и намалената побарувачка на станови“ – објаснува директорот на Кастастарот,Славче Трпески.