недела, 27. мај 2018. Вести денес: 79
home Економија

Ако се усвојат, предложените паушални забрани ќе стават катанец на рударската индустрија

Ако се усвојат, предложените паушални забрани ќе стават катанец на рударската индустрија

Како експерт за рударство и декан на Факултетот за природни и техничи науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во чии рамки се наоѓа единствениот државeн научен Институт за рударство во земјава, одговорно тврдам дека доколку се усвојат предложените измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, поднесени од група пратеници, ќе значат крај на целокупната домашна рударска индустрија, сега и засекогаш.

Од каде произлегува овој заклучок? Во членот 5 од предложените измени и дополнувањата на Законот за минерални суровини се предвидвидува целосна забрана за примената на „цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанции“ во сите технолошки процеси во рударството. Доколку ваквата забрана биде усвоена и влезе во Законот, покрај стопирање на отворањето нови, ќе доведе и до запирање на работата на буквално сите постојни рудници во земјава. Имено, во технолошкиот процес во трите активни рудници за производство и преработка на олово-цинкова руда, на безбеден и строго контролиран начин, се користат флотациски реагенси-цијаниди, а во технолошкиот процес за производство на катоден бакар во рудникот Бучим се користи слаб раствор на сулфурна киселина.

Дополнително, во категоријата „други опасни супстаниции“ за кои исто така ќе важи забраната, покрај останатите влегуваат и експлозивите, без кои е незамисливо работењето на еден рудник, било за ископ на метали или за неметали, вклучувајќи ги и каменоломите. Со овие законски измени на удар се и рудниците за јаглен, бидејќи и тие користат материи кои секако спаѓаат во категоријата „други опасни супстанци“. Ова значи дека доколку се озакони ваква ригорозна забрана, покрај сите рудници во земјата, ќе биде парализирана и целокупната градежна индустрија која е зависна од работата на каменоломите, а ќе биде прекинато и производството на електрична енергија во земјата, кое пак е зависно од работата на рудниците за јаглен.

Тврдењето на предлагачите на овие законски измени дека тие нема да важат за постојните рудници едноставно не е точно и само покажува дека тие не го разбираат рударствотото, ниту постоечкиот Закон. Имено, на пример во случајот на рудник „Саса“, кој е рудник со подземна експлоатација, заради продолжување на работниот век на рудникот, неопходно е да се изврши отворање нови рудни области. За „Саса“ да го направи ова, треба да подготви нов рударски проект и да помине низ сите неопходни процедури за одобрување кои се еквивалентни и се третираат како отвoрање на нов рудник. Во таков случај, доколку се усвојат предложените измени на Законот за минерални суровини, тие ќе важат и за „Саса“, затоа што тие предвидуваат меѓудругото забрана за употреба на експлозиви кои спаѓаат во категоријата „други опасни супстанции“, а без кои незамисливо е да се изврши дезинтегрирање на подземните карпи и проширување, односно отворање на нови рудни области. Значи, овие измени, доколку се усвојат, ќе го оневозможат секој обид за ширење на сегашните рудници, што секако ќе доведе до нивно затворење.

Со целокупното мое искуство и знаење од оваа област можам да потврдам дека рударството е една од најрегулираните и најконтролираните индустриски гранки во Република Македонија. Употребата на цијаниди, сулфурна киселина и други хемикалии во други индустрии и области, како што е земјоделството, па дури и во домаќинствата, е дозволена во далеку понеконтролирани услови отколку оние што се на сила во рударството. Оттаму, доколку се прифатат споменатите ригорозни забрани, без никаква оправдана причина ќе се дискриминира рударската индустрија во однос на останатите области каде се користат ваквите супстанци.

Инаку, најодговорно тврдам дека ваква целосна забрана за употреба на сулфурна киселина, цијаниди и други „опасни супстанци“ во рударството, каква што ја предлагаат групата пратеници, нема ниту во една земја во светот. Напротив, Европската комисија, уште во 2010-та година, ги отфрли инцијативите што се појавија во некои земји на ЕУ за забрана на употребата на цијаниди во рударството, со образложение дека тоа нема ниту еколошка, ниту здравствена оправданост. Европската комисија смета дека постојната Директива за управување со руднички отпад (Directive 2006/21/EC (1)) содржи доволно прецизни и строги барања кои овозможуваат соодветна безбедност на рудничките постројки.

Сметам дека ова се доволно силни аргументи за предлагачите да го повлечат овој крајно нелогичен, избрзан и штетен предлог за измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, со кој не се согласуваат ниту синдикатот на вработените во рудниците, ниту ресорното Министрство за економија, а секако не се согласуваат инвеститорите.

Доколку се размислува за промена на регулативата не треба да се тргнува од вакви паушални забрани. Ние треба да донесуваме закони кои ќе ги фаворизираат најдобрите техники и пракси и промовираат одржлив развој преку примена на рециклирачки технологии кои освен тоа што ќе придонесат за заштита на животната средина и здравјето на луѓето, ќе имаат и одредена економска бенефит, а не да донесуваме паушални закони кои ќе ги затворат постојните индустриски постројки.

Проф. д-р Зоран Десподов, дипл. руд. инж.,
декан на Факултетот за природни и технички науки,
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип