Занимливости

Белка и Стрелка- први жители на Земјата кои се вратија од вселената, полетаа на денешен ден пред 57 години

На 19 август 1960 година во вселената полета советскиот сателит „Спутњик пет“. „Команданти“ на мисијата беа кучињата Белка и Стрелка, а покрај нив во капсулата беа уште два стаорци, 40 глувци и голем број растенија.

Цел на летот беше да се испита влијанието на вселенските фактори врз животните и други организми.

Тие во вселената поминаа 25 часа и за тоа време 17 пати ја обиколија Земјата. Кога на 20 август успешно слетаа, Белка и Стрелка станаа првите жители на Земјата кои се вратија од вселената.

Научниците кои ги дочекаа утврдија дека кучињата и покрај преживеаниот стрес изгледаат подобро отколку за време на тренингот.

Стрелка по неколку месеци окучи шест кученца, а едно од нив советскиот лидер Никита Хрушчов им го подари на првата дама на САД, Жаклин Кенеди и на нејзината ќерка Керолајн.

Кучињата космонаути беа сместени во Институтот за вселенска медицина. По угинувањето тие се препарирани и се наоѓаат во Меморијалниот вселенски музеј во Москва.

Белка и Стрелка се херои во повеќе руски анимирани филмови, а „Белка и Стрелка – Ѕвездени кучиња“ од 2010 година е првиот руски долгометражен 3Д анимиран филм.

По повод 50-годишнината од летот на „Спутњик пет“ Русија во 2010 година издаде поштенска марка со ликовите на четириножните космонаути.

Претходните кучиња космонаути немаа среќа. Лајка, првиот жител на Земјата во вселената, угина неколку часа по полетувањето во 1957 година, а Лисичка и Чакја настрадаа при лансирањето во јули 1960 година. Нивната ракета носач се распадна и ја оштети капсулата која падна при активирање на падобранот. Потоа значително се подобрија безбедносните мерки.

Вселенските мисии на кучињата и успешните и неуспешните, пред и по Белка и Стрелка го отворија патот на Јуриј Гагарин, кој на 12 април 1961 година стана првиот човек во вселената.