Вино во друштво фино

Вера Милошевска – Јосифовска: Виното ми ги буди сите сетила

„Со добро вино оди и добра музика и добро друштво и обратно“ и овојпат „коцките се склопија“. Разговор во прекрасниот амбиент на винскиот ресторан „Форца“ со Вера Милошевска–Јосифовска, неповторливиот вокал на „Љубојна“ во пресрет на најавениот конецерт во салата „Борис Трајковски“ надополнет со вкусот на виното и соодветната храна.

Мирисот на виното те следи од детството. Какви спомени ти буди?

Вера: Ме потсетува на мојот дедо и неговата вешта винска технологија. Порасната сум во винска и ракиџиска фамилија во која што секоја година се тураше и се правеше вино. Мојот дедо читаше и енолошка литература, која се уште е во мојата библиотека. Беше посветен винар.

Vino vo drustvo fino - Vera Milosevska Josifovska - Ljubojna

Ја продолживте ли традицијата на подготовка на домашно вино со вашиот сопруг?

Вера: Не секоја година, но има некој мерак кога ќе ставиш свое вино. Оваа година сопругот и мојот татко ставија вино од сортата Вранец. Веќе застудува, па се надевам наскоро ќе почестам некое шише.

Се разликуваат ли според тебе дома приготвеното вино и она од винариите?

Вера: Апсолутно! Домашното вино барем според мене како јас го доживувам има единствен вкус, сосема различен од било кое вино произведено од истата берба. Поминато е низ сосптвени раце, зоврива бурно или бавно, вкусот му се гради полека. Го има само во вашиот дом. И најпосле, можете да си го дотерате вкусот според тоа какво скаате вам да ви биде.

Vino vo drustvo fino - Vera Milosevska Josifovska - Ljubojna

Кога ќе се спомне ВИНО, кој е првиот стих, композиција, филмска сцена што ти паѓа на памет?

Вера: „Дафино вино црвено“ и „Мирисот на жената“.

Како ја доживуваш првата голтка вино што ја пиеме во моментов?

Вера: Ми ги буди сите сетила… Длабоко, а лесно и елегантно… Слатко и малку опорито со женствена црешова сензуалност.

А спарено со храната?

Вера: Со првото предјадење особено се сака (хахаха). Слаткиот опорит вкус го надополнува вкусот на кулот во ова јадење.

Vino vo drustvo fino - Vera Milosevska Josifovska - Ljubojna

Кој специјалитет и кое вино ги препорачуваш од она што самата знаеш да зготвиш?

Вера: За црвено вино, зелка со свинска буткица или коленица, крчкана долго на тивко. За со бело вино, омилени ми се ракчињата, лосос со путер и портокал, полнет крап. Иако за со двете вина имам омилени јадења и салати. На пример, свеж спанаќ со фета, маслиново масло, балсамико оцет и сусам…

Кој ти се омилени вина и зошто?

Вера: Летно време многу повеќе Темјаника, Шардоне, Жилавка, додека зимно време Мерло, Пино Нуар, а сезонава Вранец Спешл Селекшн од Тиквеш.

Кои од винариите во нашата земја си ги посетила и ти оставиле убав впечаток?

Вера: Со „Љубојна“ сме настапувале во „Стоби“ и „Попова Кула“, а сум била и воТиквеш, Камник, Далвина и Имако, каде исто така не знаев во што повеќе да ужувам, во виното, храната или местото каде се наоѓаат.

Vino vo drustvo fino - Vera Milosevska Josifovska - Ljubojna

Која е заедничката нишка на музиката и виното?

Вера: Постепено се создаваат и виното и музиката, има многу емоции и мерак и во едното и другото. И тие треба да се спарат исто како и храната(хахаха). Виното не оди со секое друштво и секоја мзуика. Иако и двете се опојни и полека освојуваат.

Што да очекуваат вашите фанови од престојниот концерт?

Вера: Секој нов концерт на „Љубојна“ носи нешто ново, не само музички туку и како перформасн.

Верувам дека публиката може да ја насети атмосферата на концертот со оглед на тоа што гостин е еден Влатко Стефановски, еден Исмаил Лумановски и единствениот Џамбо Агушев. Ќе има и нова музика од туку што излезениот албум „Шербет Љубојна“ како и од албумите „Песна за мојата песна“, „Ljubojna Brass fantasy“, а јас ќе се потрудам да ја стоплам, да ја воздигнам и да ја приближам до себе публиката.

DSC_0391

Имаш оригинален стил. Кој ќе се погрижи за стајлингот, како ќе изгледаш на сцена?

Вера: За мојот изглед секогаш се грижи „сестринството“ од студио „Енерџи“, Елена Арсова и студио Панаш, Марија – Бела Темелков, Алек Палада, а за стајлингот, сепак одлучуваме сами со Оливер во договор со сценографите.

DSC_0399

На корицата на самиот албум има чаша за вино. Чија беше идејата и како најде таа чаша на омотот?

Вера: Тоа е всушност пијалок од шербет од рози кој асоцира на вино Розе и ја претставува музиката на тоа ЦД која по испрекинатите линии на оркестарот, распеаниот кларинет на Исмаил и кадифениот лирски вокал со машка вокална придружба, се совпаѓа со сензибилитетот на овој пијалок, женствен со богата арома и освојувачки освежителен вкус.

DSC_0390

DSC_0379

DSC_0334

Интервјуто го водеше: Александра Велинова
Локација: Вински бар и ресторан Форца
Готвач: Влатко Огненовски
Сомелие: Тони Илиевски
Фотограф: Дејан Донев
Шминка: Курс за шминка, Центар за обука ЕВА