Вино во друштво фино

Зоран Кочоски: Сомелиерството професија на иднината

Зоран Кочоски по вокација е правник, работел како новинар, а на сите вам ви е познат како човекот кој успеа да вработи повеќе од 15 илјади млади од Македонија, најчесто на крузерите на неколку големи светски бродски компании преку агенцијата Коузон.  Од нив еден успеал да стане директор, 8-мина менаџери, а она што нас не интересира околу 20-тина сомелиери. Што беше поводот за разговорот со него? Кочоски е Амбасадор на македонската винска култура. Тој им пружа можност на нашите сомелиери да го развиваат потенцијалот и што е уште поинетерсно знаењето да го применат во нашата земја. Колекционер на книги посветени на виното. Беше навистина пријатно да се биде вo негово друштво во ексклузивниот амбиент на Carpe Diem – fine wine & dine, со оглед споделените искуства кога се во прашање гостувањата на странците и нивната дегустација на макеоднските вина.

На кој начин Коузон е Амбасадор на винската култура?

Зоран Кочоски: Одговорот на ова прашање е комплексен од неколку причини:

Прво: Коузон вработува лица на најголемите светски бродски компании за крстарење. Тие бродови се пловечки хотели со најдобра услуга, храна и пијалоци на светот. Имаќи го ова во предвид, можам да кажам дека ние индиректно создаваме услови за пласирање на информации за македонските вина во тој свет т.е. помеѓу гостите на бродовите.
Имено, македонците кои работат на тие бродови, во директниот контакт со гостите имаат можност да се пофалат со квалитетот на нашите македонски вина, а воедно и да им препорачаат нив да дојдат во Македонија и да ги пробаат. Од лично искуство можам да кажам дека овој систем на промоција на македонските вина реално функционира и ние сме имале гости од странство кои биле иницирани да дојдат во Македонија заради убавата приказна што нашите вработени на бродовите за крстарење им ја пласирале.

Второ: Македонците кои работат на бродските компани преку нас, имаат можност да се запознаат со најдобрите светски вина, да поминат обуки за продажба на тие вина, да научат како да ги препознаваат по квалитет. Со тие квалификации штом се вратат во Македонија, стануваат врвни сомелиери или угостители кои виното го позиционираат на вистинското место во нивните ресорани и барови.

Колку се барани сомелиерите на пазарот на работна сила и кои компании најчесто имаат потреба од нив?

Зоран Кочоски: Професијата сомелие е многу барана во светот. Сомелиерот во основа не се создава само со желба на едно лице да биде сомелие, туку треба многу труд, работа, можност да се вкусат различни сорти на вино, различни брендови.

Втората многу важна компонента за еден добар сомелие е да располага со извонредно висок вокабулар на зборови, бидеки презентацијата и продажбата на виното ги бара овие квалификации.

Сомелиерите што ние ги вработуваме на бродските комапнии, реално сите имаат предходно бродско искуство како бармени или келнери. Ретко, навистина ретко ќе најдете кандидат кој никогаш не бил надвор од Македонија на обука или рбаота, кој е веднаш спремен да биде сомелие.

Zoran Kocoski - Vino vo drustvo fino

Дали работата е можност за нивно усовршување?

Зоран Кочоски: Да, работата на бродските компании е една од најдобрите опции еден сомелие да се усоврши. Ова го тврдам од причина што на бродовите ги има најдобрите вина, редовно има обуки кои ги прават представниците на винарските визби кои имаат свои вина на бродовите и што е уште поважно има реална продажба на вино секојдневно.

Колку е платена професијата сомелие на брод?

Зоран Кочоски: Во основа платите за еден сомелие се движат од 3500-5500 долари. Но истите зависат од продажбата, т.е. знањето и посветеноста на сомелиерот да продава вино.

Ова го споменувам од причина што  во тој свет (на бродските комапнии) стартната плата е околу 1200 долари, а се’ останато е процент од продажба. Преку таквата поставеност на продаба и добивање на процент, се мотивираат сомелиерите да продаваат бидеки само така и ќе заработат т.е. ќе добијат повисока плата.

Ценам дека овој концепт може да се примени и во нашите ресторани во Македонија.

Колку можат да одговорат на обврските македоснките сомелиери на бродските компании?

Зоран Кочоски: Оној кој ја добил работната позиција, поминал низ сериозни интервјуа со менаџерите од бродската компанија, со сигурност ќе биде на ниво на задачата. Да се биде сомелие, не е потребно само да знаеш туку и да ја сакаш таа професија и да покажеш посветеност. Начинот на кој се изразуваш и на кој го третираш виното, е она што го разликува професионалниот сомелие од другите продавачи на вино.

Кои се највисоките позиции кои ги достигнале до сега?

Зоран Кочоски: Реално многу мал дел од македонците кои сме ги вработиле или воопшто биле вработени на некоја бродска компанија, достигнале високи работни позици. Лично знам само неколку хотел директори (тоа е една од највисоките позиции на бродовите), потоа околу 20-тина менаџери на ресторани и барови.

Како нација неможеме да се пофалиме дека сме постигнале многу во тој свет на џет-сет туризмот.

Повеќето македонци кои работеле на бродовите се откажуваат од работата по период од 3-5 години (причини има многу, но според мене една од најважните е тоа што имаат одредени сума на пари која ја заштедиле и се обидуваат да се најдат себеси во некој друг бизнис или работа).

Има ли случаи кои се враќаат во Македонија и она што го научиле го применуваат овде?

Зоран Кочоски: Да, на тоа сме посебно горди бидеќи тие лица се едни од најдобрите менаџери или работници во туристичките и угостителски објекти во Македонија.
Скоро и да нема значаен ресторан или бар во Македонија каде што нема барем еден вработен кој предходно бил на брод. Нивното знаење и искуства, верувајте ми дека е од големо значење за компаниите во кои работат, бидеќи со себе носат многу нови идеи кои ги виделе ширум светските мориња и океани.

Zoran Kocoski - Vino vo drustvo fino

Често ви доаѓаат гости од странство, колку сте задоволни од услугата во нашите угостителски објекти?

Зоран Кочоски: За да бидат задоволни, ние предходно подготвуваме терен со тоа што правиме обиколка на рестораните каде што ги носиме при што им сугерираме на сопствениците на тие објекти да корегираат одредени грешки (ако ги имаат). Оваа практика ја применуваме од причина што очекувањата на менаџерите од бродските комапнии се да го видат квалитетот на нашата работна сила на дело т.е. во рестораните и баровите.

Да бидам искрен , имаме мал број на извонредни ресторани и барови. Другите се просечни. Генерално, сега за сега нашиот успех е максимален бидеќи сите наши гости се презадоволни од она што ние им го презентираме.

Колку се познати македонските вина во светот?

Зоран Кочоски:  Ако земеме глобално, македонските вина не се воопшто познати т.е. немаме некаков рејтинг на високо квалитетни вина.

Во државите во кои се продаваат, не се позиционирани на ниво како што треба.

Од лично искуство можам да кажам дека странците на кои сме им препорачале да купат македонско вино во државата во која се, дури и со изненадување констатираат дека незнаеле дека постојат такви вина.

Ситуацијата во нашиов регион е сосема друга, во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и др. држави од Балканот, нашите вина се извонредно прифатени.

Zoran Kocoski - Vino vo drustvo fino

Често патувате, кои светски кујни ви се омилени?

Зоран Кочоски: Мене лично секоја традиционална кујна од државите во кои патувам ми е омилена. Но, ако веќе треба да издвојам три, би ги споменал следниве: јапонската, монголската и аргентинската

Кое ви е омилено македонско вино?

Зоран Кочоски: Според мене едно од најдобрите црвени вина во Македонија, а воедно и мое најомилено е Cabernet Sauvignon Grand Reserve од Chateau Sopot.

Од белите вина, повторно би истакнал дека мене лично најомилено вино ми е Темјаниката на Chateau Sopot.

Што ве поттикна да се заинтересирате за виното до степен да имате колекција од литература за вина?

Зоран Кочоски: Кога работите во една област, тогаш треба да ги знаете сите тајни поврзани со истата. Како може да вработувате сомелиери или келнери на брод или во хотели ширум светот, а да не занете се’ за виното, презентацијата и продажба на истото и сл. Тоа ме поттикна да бидам колекционер на литература од оваа област.

Потребата да знаете повеќе од кандидатите кои аплицираат за работа на брод, ме иницираше да почнам да читам професионална литература од оваа област. Покрај теоријата, имав можност да се запознаам и со доста светски познати виски брендови и да вкусам еден голем дел од нив.

Познавањето на виното и консумирањето на истото, во западниот свет е култура на живеење. Немате ниту еден значаен интернационален настан на кој виното ја нема главната улога. Познавањето на виното е наука и знаење кое се стекнува со години.

Chateau Sopot - Cabernet Sauvignon Grand Reserve 2007