Вино во друштво фино

Наташа Малинкова: Растев со мирисот на виното

„Само мој“ е најновата композиција по која е актуелна Наташа Малинкова која сите вие добро ја препознавате од самите почетоци како вокал на групата „Багаж“. Со добра музика оди и добро вино. Овојпат се одлучивме токму таа да ни биде друштво фино при дегустацијата на вино спарено со соодветна храна во Carpe Diem од проста причина што, би можел ли некој повеќе да знае за виното од луѓето од Тиквешијата. Наташа растела со мирисот на виното, а ако на ова додадеме дека е уметник, виното покрај за дегустација го користи и како инспирација. Се на се одлична комбинација за „Вино во друштво фино“.

Си учествувала ли во гроздобер?

Наташа Малинкова: Со оглед на тоа дека потекнувам од Тиквешкиот крај срамота е да кажам дека не сум учествувала. Како дете многу ме носеа моите родители, имавме малку лозје но, сепак мораше да се сработи.

Дали гроздоберот беше забава или наметната обврска?

Наташа Малинкова: Па, искрено додека бевме деца ни беше многу забавно. Мајка ми додека бевме на лозје секогаш ни викаше дека ова треба  да го сфатиме како некој излет во природа, ни спремила нешто вкусно за јадење и дека физичката работа е здравје и така не мотивираше и стимулираше да работиме. Но, кога веќе бевме тинејџери и кога за викендите излегувавме навечер мнооогу ни беше обврска да одиме на лозје.

Natasa Malinkova - Vino vo drustvo fino

Колку лозјето за твоето семејство беше извор на егзистенција или дополнување на домашниот буџет?

Наташа Малинкова: Секогаш беше. Кај нас во Кавадарци и до ден денес има семејства кои се уште егзистираат од лозјето финансиски. Порано поубаво беше платено и луѓето можеа да спечалат и некој денар да тргнат на страна… Сега е веќе невозможно тоа…

Си присуствувала ли на процесот на производство на вино?

Наташа Малинкова: Сум присуствувала многу пати и на правење вино и на ракија… Тоа е еден многу интересен процес на ферментација на грозјето и сите тие ритуали што треба да се направат за да се добие квалитетно бистро вино  и ракија. Тоа е една цела наука според мене. Имаше еден период и татко ми правеше бело вино. Беше многу убава реколта.

Natasa Malinkova - Vino vo drustvo fino

Колку често виното е дел од вашиот семеен ручек?

Наташа Малинкова: Велат црвеното вино помага во варењето на храната, а белото е одлично со многу десерти. Ние сме гурманска фамилија, кај нас постојано има домашно зготвена храна и десерти, така да многу често го имаме на нашата трпеза.

Си подготвила ли некогаш или можеби ти подготвиле романтична вечера со вино?

Наташа Малинкова: Јас и мојот сопруг знаеме да се опуштиме со по некоја чашка винце дома или во некој ресторан. За мене секогаш присуството на вино прави да се чувствувам романтично, незнам зошто, но убаво ми е кога сум во друштво на мои сакани луѓе и наздравувам со вино.

Би сакала ли да имаш сосптвена винарија или да се најде твоето име на етикета на некое вино?

Наташа Малинкова: Знам дека производството на вино не е така едноставен процес. За него луѓето учат цел живот. Малигани, антоцијани, полифеноли, катехини, температура, па во какви посебни садови да се чува и уште многу многу посебни работи што се прават за да се добие квалитетно вино. Јас навистина сакам да имам ете мала винарија или брендирано вино со моја слика на етикета, но да бидам искрена многу повеќе сакам да сум колекционер на добри вина. Затоа веќе почнав дома да си правам моја приватна колекција на вина.

Natasa Malinkova - Vino vo drustvo fino

Која песна, сцена од филм те асоцира на вино?

Филм: Pretty Woman
Книга: Додека звездите блескаат
Песна: Ariana Grande – Dangerous Woman

Кое е местото во Тиквешијата кое би му го препорачала на странски турист?

Наташа Малинкова: Кај нас места и винарии и ресторани за дегустација на вино и храна има многу. Но, во моментов помислив на ресторан кој малкумина го знаат во Македонија, затоа што е скриен едно 5-6 метри под земја .Станува збор за ресторанот во винарската визба Тиквеш. Мое омилено место каде што со моето женско друштво си одиме на вечера и дегустираме вина од нивниот богат асортиман.

Natasa Malinkova - Vino vo drustvo fino

Што е за тебе добро, а што лошо вино?

Наташа Малинкова: Мене лично  ми се допаѓаат миризливи и ароматични вина, женски вина, ете така да ги наречам, тие се по благи. Не сакам многу суви вина,  иако мои блиски ми кажуваат дека тоа биле поквалитетни вина.

Незаборавно искуство во дегустација на вино?

Наташа Малинкова: Кога бев на вечера за една Нова Година и имавме веќе готово мени на храна во ресторанот и дегустација на вина со секој оброк различно. Почнавме со Шампањ со предјадењето, и завршивме со Розе вино за десерт, измеѓу врста на бело и црвено вино и од сите се напивме по некоја голтка, нели работата беше да дегустираме, јас бев со мои другарки и на крај  веке бевме насмеани до уши. Многу убава вечер, убаво искуство и сите ја паметиме таа Нова Година.

Како велат „Во виното е вистината“ и секогаш одлично оди во пар со вистински пријатели!

Carpe Diem - fine wine and dine

Carpe Diem - fine wine and dine

Carpe Diem - fine wine and dine

Carpe Diem - fine wine and dine