Вино во друштво фино

Ивана Симјановска: Странците заинтересирани за винскиот туризам во Македонија

Зарем може да се замисли роматична вечера во една летна вечер покрај море без вино? Како да не згрешите во изборот и како да го препознаете квалиететното вино? Што всушност е коректно вино, се прашања на кои добивме одговор од Ивана Симјановска, промотор на македонските вина и винскиот туризам во Македонија и меѓународен вински судија, од неодамна бренд-менаџер на италијанската винарија Дивиналукс.

Од каде интересот за винската култура и виното воопшто до степен да станеш вински судија?

За виното почнав да се интересирам пред речиси осум години, кога заедно со тогашните мои колеги почнавме да организираме дегустации на вина од македонски винарници во првиот Македонски вински клуб, чиј основач бев и јас. Потоа дојде пишувањето на првиот македонски вински водич, чиј ко-автор и издавач сум, по што следеше првата официјална покана да судам на вински натпревар. И така некако почна се’.

Кое беше твоето прво искуство како вински судија?

Првото официјално винско судење ми се случи на првиот Интернационален балкански вински фестивал (BIWC 2013) во Софија, каде по покана на директорката на фестивалот ја имав таа можност да судам со едни од најдобрите вински судии во светот меѓу кои и тројца MW (Master of Wine) кои ми посочија дека имам одличен нос и потенцијал кој треба да го развивам. Знаев дека ме очекува многу работа, дека ќе следат многу предизвици, но цврсто бев решена да го следам новиот пат. Се пронајдов во целата таа винска приказна бидејќи винската индустрија е многу динамична и никогаш не е досадно да се биде дел од неа. Во виното ја пронајдов својата пасија, и пасијата ми стана работа. Може да кажам дека виното и целокупноста на тоа да бидете дел од винскиот свет ми ги смени перспективите во животот.

ivana simjanovska

По дегустација на повеќе вина нели се мешаат аромите и вкусовите?

На овие вински натпревари, кои најчесто се одвиваат според правилата на Интернационалната организација за вино и винова лоза (OIV), имаат пропишани правила каде смеете да дегустирате само одреден број на вина во текот на денот за да не дојде до заситување на сетилата за мирис и вкус. Во тек на едно официјално дегустирање, организацијата ги проверува дегустаторите со тоа што вметнува исто вино во иста серија на вина за да види колку дегустаторот е конзистентен во оценувањето и дали за тоа вино ги дал истите поени.

Се случува ли вински судија да се опијани?

Од мое досегашно искуство во винскиот свет, никогаш не ми се случило да сретнам некој вински судија кој претерал со алкохолот. За време на официјалните дегустации, вината се дегустираат, и не се пијат, односно се плукаат по дегустирањето. Додека пак кога винските судии уживаат во вино, тоа го прават во придружба на храна и вода. Како совет за вашите читатели,  љубители на вино, секогаш да пијат барем една чаша вода, на една чаша вино.

Колку професионалната деформација те остава да уживаш во виното?

Навикната сум прво да ги барам мааните, доколку ги има, па потоа да го класифицирам виното според комплексноста. Најчесто уживам во вино со моите пријатели кога не се очекува од мене да дадам мислење и оценки.

DSC_0244

Кои критериуми треба да ги исполнува еден вински судија?

Да се биде вински судија е составен дел од она што го работите и вашето присуство во винската индустрија. Со други зборови, треба најпрвин да знаете да правите разлика помеѓу коректно и некоректно вино, да дегустирате што повеќе и почесто,  да бидете начитани и теоретски поткрепени со информации за виното, бербите, светските вински региони едноставно цело време да бидете присутни во винскиот свет и да ги следите тековите и промените.

Што е коректно вино? Кога е најтешко да се одреди комплексноста на виното?

Коректно вино е вино кое нема т.н. маани. Комплексноста на едно вино се одредува на неколку начини и тоа, колку повеќе ароми може да детектирате на нос , толку е виното покомплексно, колку истото се отвара во повеќе слоеви на мирис и вкус, колку долго трае поствкусот итн.

Од кои фактори зависи квалитетот?

Од многу и поради тоа виното е еден од најкомплексните производи. Се’ започнува во лозјето, односно за да направите добро вино, потребно е да имате добро лозје на соодветна микролокација со одлична експозиција, богата почва, кое ќе даде здраво грозје. Понатаму треба да се запазат критериуми како точно одредување време на берба, потоа винификација соодветна на сортата, многу работа во винскиот подрум додека виното не се добие како финален продукт. Потребно е многу време, труд, знаење и љубов за да добиете квалиететно вино.

Кое е виното кое и сега можеш да го осетиш и ти останало во трајно сеќавање?

Порто Kopke Colheita Portugal од 1940 година.

ivana simjanovska

Кои ароми и вкусови ги осеќаш во Chateau Kamnik Fume Blanc 2015 кој го пиеме сега?

Ароми на цитрус, зелен лимон и зелена рибизла. Вкусот е свеж, со пријатни киселина и поствкус на лимон и зелена пиперка.

Летните вечери се проследени со романтична вечера покрај море. Кое вино би го препорачала за оваа прилика?

Сигурно би одбрала некое бело вино. Асиртико од Санторини, Катарато од Сицилија или добар Совињон блан.

Колку е искористен потенцијалот во Македонија за развој на винскиот туризам?

Потенцијалот е голем меѓутоа е сеуште недоволно искористен. Веќе втора година Македонскиот вински туризам во земјава бележи сè поголем развој од една единствена причина – за да станете препознатлива винска земја, недоволно е да продавате само добро вино, туку треба да ја прераскажете и приказната за виното, земјата, луѓето, природата итн. Овие концепти се тесно поврзани еден со друг и водат кон едно целокупно заокружување на она што значи градење вински идентитет во светски рамки.

DSC_0307

Колку има интерес за вински туризам од странците и од кои најмногу?

Интересот е огромен и можам да зборувам од сопствено искуство. Веќе втора година сум дел од тимот на Македониа Експириенс, агенција што доста ревносно работи на промовирање на Македонија како туристичка дестинација од еден поинаков аспект, каде јас го водам делот за вински тури. Секогаш се работи за многу мали групи, најчесто љубители на вино што сакаат да ги посетуваат винските региони во светот. Можноста да прошетате по винарниците со некој што долго ја следи винската индустрија во земјава на нашите клиенти им дава детални информации за винската индустрија и вината во земјава, кои понатаму ги пренесуваат како доста позитивни искуства во своите земји.Најмногу посетители имам од Британија, Белгија, Данска, Австралија и Канада.

Како да се подобрат условите, што недостасува?

Најголемиот недостиг се сместувачките капацитетити токму во Тиквешкиот регион каде се лоцирани најголемиот број од винариите. Услугата во поголемите винарии е одлична што се должи на инвестирање во едукација на персоналот, меѓутоа во помалите сеуште треба персонал, а потребно е тој персонал да се едуцира. Освен тоа, потребна е едукација на персоналот во рестораните во тој регион, да има повеќе вински барови и што е најбитно, да има што поголема селекција на вина од различни винарии во рестораните, хотелите и винските барови низ земјата.

DSC_0332

На кој начин ги промовираш македонските вина?

Последниве шест години имам одржани многу мастер класеви на македонски вина на познати вински фестивали во Европа, организирам вински патувања по нашите винарии за моите колеги од светот, како и многу дегустации во земјава каде канам и наши енолози и вински љубители  и ја раскажуваме приказната за македонските вина. Ко-автор сум и издавач на два вински водичи за македонските вина, кои јас и моите ко-автори сами ги имаме финансирано, и верувам дека успеавме да ги доближиме македонските вина до сите оние кои сакаат повеќе да дознаат за нашите вина.

Од неодамна си бренд менаџер на  Дивиналукс. За каква винарија станува збор?

Дивиналукс е фамилијарна бутик винарија која се наоѓа во националниот парк Емилија Ромања, централна Италија. Произведуваме органски вина од три сорти, санџовезе, требјано и албана. Се работи за млада винарија која допрва треба да се позиционира на винскиот пазар, а ова е токму предизвикот кој ми е доделен мене.

DSC_0188

DSC_0196

carpe diem

carpe diem

carpe diem