Вино во друштво фино

Ева Нединковска: Виното го комбинирам со љубов

Само оној кој знае да ужива во пиењето на виното, може вистински да го почувствува. Виното е повеќе од пијалок, не само поради тоа што е нарекувано „божја крв“, туку и поради тоа што секој може да го доживее на различен начин во зависност и од храната со која е спарено. За тоа колку често консумира вино, на кој начин и колку е инспирација, поразговаравме со Ева Нединковска, на јавноста позната како дел од забавната музичка естрада, а веќе пет години директор на Центарот за обука „ЕВА“, во прекрасниот амбиент на Форца.

Како гледаш на виното, обожуваш ли да го консумираш?

Виното е поезија во чаша за мене, единствен алкохол во кој уживам и на кој му верувам. Кога пијам со познаници, го владеам јас, кога пијам со пријатели му дозволувам да ме владее. Го сакам она чувство кога пиејќи , во ВИНО еден момент сфаќаш дека толку кротко, неосетно и суптилно ти ја отклучило автентичноста, така што допира до тебе, а ти до другите или другите до тебе. Го почитувам, како што почитувам уметност и секогаш го пијам чисто, бидејќи секоја мешавина со друг пијалок ми е сквернавење. Според мене ВИНОТО е повеќе од пијалок. Пиењето ВИНО е ритуал, грациозен хедонизам, уникатен момент на уживање заедно со храна, друштво, добар муабет, хумор, музика, љубов, книга, природа.

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 04

Што приготвуваваш најчесто од специјалитети и какво ВИНО би препорачала со истите?

Верувам во изреката „Најдобрите ВИНА се оние кои се пијат со пријатели“, така што нема лошо ВИНО ако добро го пиеш и со добри луѓе. Посебно вредни за мене се деновите кога пречекувам луѓе што ми значат и во чие друштво ми е пријатно и кога готвам за нив, моменти на споделување, ретки за мене епизоди на опуштање, кога ги оставам за кратко обврските на страна и се’ што е во фокус тогаш е семејството или пријателите. Најчесто со печено месо и покалорични јадења пијам Вранец, додека со риба, пилешко и салати преферирам Темјаника. Генерално ми се допаѓаат сортите Вранец, Каберне Совињон, Траминец и Мускат Темјаника, кој сакам да го пијам и со десерти. Околу спарувањето храна и ВИНО имам научено уште кога имавме угостителски објект во Охрид кој беше еден од најпопуларните ресторани во градот тогаш. Што и да јадам или послужувам, секогаш ВИНОТО го комбинирам со љубов.

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 01

Често ја посетуваш винаријата Попова Кула. Поради ВИНОТО, природата околу неа или љубовта?

Поради спојот на овие три работи. Задоволство ми е да ја шетам Македонија, последниве година – две повеќе од секогаш. И намерни и случајни посети, и познати и не толку познати места. „Попова кула“ е убаво место, вкусно средено. Си поминав одлично, дегустирајќи вина и храна. Се сеќавам на нивниот фантастичен чизкејк, а подоцна и на долга партија фризби и бадминтон на нивниот тревник под сонце, сред месец август. Добар контраст на активности.

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 02

Уметноста и кога сакаат да ја напуштат уметниците, таа не ги остава. Иако веќе не се занимаваш со музика, по природа си уметничка душа, а ВИНОТО е инспирација за секој уметник. Колку е инспирација за тебе?

Што и да правам, правам со 100% преданост. (Освен пиење вино, пијам умерено (се смее)). Не знам со умереноста, тешко ми паѓа, уште ја учам. Музиката за мене беше порив, страст, искреност, потреба, јазик, природност. Само така за мене има смисла. Веќе 5-та година сум така целосно и страсно предана на мојот „Центар за обука ЕВА“, на околу 20-те различни програми кои ги имаме, на моите луѓе, на луѓето кои ги едуцираме, кои ги насочуваме, луѓето кои ни веруваат. Сета моја енергија, креативност и време е насочено таму. Музицирањето ми фали многу, естрадата, не.  На музиката не стигнав дa и’ дадам ни пола од себе и останавме недоискажани една кој друга. Но, ако некој нареден пат искрено си проговориме, за тоа сигурно ќе знаете.

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 05

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 06

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 08

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 12

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 10

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 11

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 13

Eva Nedinkovska - Vino vo drustvo fino - 09

Интервјуто го водеше: Александра Велинова
Локација: Вински бар и ресторан Форца
Готвач: Андреа Јаковчевски
Сомелие: Андреј Киселички
Фотограф: Александар Алексовски (АСА Продукција)
Шминка: Анџела Видојевиќ (Курс за шминка, Центар за обука ЕВА)